АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолското ЛДП ја отворило дебатата дали да и’ сврти грб на опозициската СДСМ и да седне во „скутот“ на ВМРО-ДПМНЕ. Членови на ЛДП од Битола велат дека понудата е политички непринципиелна дотолку повеќе што лидерот на ЛДП, Моника Зајкова уште не ги симнала билбордите со Димитар Ковачевски како коалиција со СДСМ.
Пред два дена на состанокот на ОО на ЛДП во Битола, претседателот Димитар Кузмановски пред триесеттина членови го отворил прашањето дали ЛДП треба да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, на што наишол на бурни реакции на поголем дел од присутните членови, иако имало и неколкумина поддржувачи на идејата да се влезе во коалиција со владејачката партија, велат наши соговорници.
На дневен ред пред либералдемократите било прашањето - Понатамошно делување на ЛДП на политичката сцена!?
Владе Атанасовски, поранешен секретар на ОО на ЛДП Битола и долгогодишен член на Централниот Одбор на ЛДП за „АПЛА“ вели дека претседателот на општинската организација, Кузмановски образложил пред присутните дека во комуникација со претседателката Моника Зајкова имале преговори со владејачката ВМРО- ДПМНЕ за коалиција и дека во тек е прецизирање на постапката. Но, како што вели Атанасовски грото од членовите остро се спротивставиле на помислата, а не пак на можната коалиција. Според него општинските организации не се надлежни да дискутираат за тоа прашање, туку тоа е одлука на Конгресот. И ветераните на ЛДП реагирале на ваквата промена на политиките на партијата, со напомена дека личните интереси не смеат да бидат над идеолошките.
„Партијата ни се распаѓа, ако некој и мисли арно на партијата, претседателката Моника Зајкова и раководството под итно треба да си дадат оставка. Претседателката нема мандат да преговара и коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, таа настапи со програма на која гласаа сите делегати на Конгресот, а таму немаше коалиција со партијата на власт. Затоа сега нека свика Конгрес, нека настапи со програма дека ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, па делегатите нека се изјаснат“, реагира Атанасовски, и додава „целата работа е со цел да се ‘заштитат’ и ‘згрижат’ 4-5 луѓе околу Зајкова. Само се прашувам како Моника ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ кога уште не ги тргнала билбордите низ Скопје сликана со Димитар Ковачевски -Таче? Нека дојде во Битола и сама нека го соопшти предлогот“, повикува Атанасовски, поранешен директор на ЈП „Пазари“ Битола и долгогодишен член на Централниот Одбор на ЛДП.
Атанасовски вели дека наводното коалицирање на ЛДП со ВМРО-ДПМНЕ било прикажано „како од полза за партијата“, со тоа што владејачката партија наводно ветувала раководни места за членови на ЛДП во училиште или градинка во Битола.
Претседателот на ОО на ЛДП во Битола, Димитар Кузмановски за „АПЛА“ вели дека на состанокот јасно било кажано дека ЛДП во моментот е самостоен политички субјект кој работи на промовирање на своите програмски определби.
„ЛДП остварува средби со сите политички партии, но тоа не значи дека е во преговори со некоја партија за евентуална коалиција. Јасно и гласно беше потенцирано дека до ден денес во ЛДП нема разговори за приклучување кон некоја коалиција, а доколку дојде до тоа секако дека тоа ќе се дискутира пред органите на партијата, вклучувајќи ја и ОО на ЛДП Битола“, вели Кузмановски.
Што се однесува до „калкулациите“ што ќе добие ОО на ЛДП во Битола ако коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Кузмановски вели дека – „Во ниеден момент не се спомна за училиште и градинка во никаков контекст. ЛДП Битола е голема партија, за некој да може да ја придобие со училиште или градинка, нас пред се’ ни е битно да се подобри животот на граѓаните преку проекти, закони и програма“, изјави Кузмановски.
ЛДП беше во коалиција со СДСМ и опозиција за цело време за владеењето на Никола Груевски и беше на власт со СДСМ во изминатите 7 години.
А. Блажевска