АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Исклучителна почит заслужуваат лекарите радиолози кои секојдневно изложуваат дел од своето здравје за да добијат слика за нашето здравје и да воспостават дијагноза. Радиолозите денеска го празнуваат 8 ноември Светскиот ден на радиологијата.
Битолската болница како ретко која здравствена установа во државата може да се гордее со службата за Радиологија и во делот на апаратите и во поглед на подготвеноста и стручноста на тимот.
Над вратата на денешниот Студентски дом во Битола, тогашна Воена болница, на мермерна плоча се уште стои натпис - „Одделение за рендген зраци“
Историските податоци сведочат дека во 1908 година, во турско време во Воената болница во Битола бил монтиран рендген апарат, еден од првите во Европа во тоа време. За цивилното население од градот оваа дијагностика беше достапна во текот на 1927 година.
„Во Битола како ретко каде на друго место 116 години постои рендген апарат. На почетокот интернисти и педијатри сами си ги читале сликите, но имале апарат кој бил вонсериско производство. Тоа се случувало само 13 години подоцна откако Вилхелм Конрад Рентген, ги открил рентген зраците во 1895 година. Во градот, уште за време на Османлиите стигнал првиот рендген апарат. Апаратот бил сместен во објектот на тогашната Воена болница, сегашниот Студентски дом во Битола и таму има натпис дека од 1908 година градот го добил првиот рендген апарат“, вели радиологот д-р Весна Шикловска во разговор за „АПЛА.мк“.
Првите лекари рендгенолози во Битола - ( од лево на десно) д-р Димитар Митревски-Баце, д-р Петко Петковски, д-р Димитар Димовски, д-р Томе Дериевски, д-р Драган Кокалевски.
Според податоците од Клиничка болница Битола -По ослободувањето, Општата Болница Битола, како донација доби УНРА полуталасен рентген апарат Пикер, кој беше монтиран во приземјето на хируршкoто одделение. Со него работеше д-р. Ѓорги Кљука, радиолог од Нови Сад. Во 1953 година од специјализација се врати првиот битолски специјалист-радиолог д-р.Леви. Тогаш е набавен и Сименсов четвртвентилен Ро апарат. Со тоа практично се формира Радиолошкото одделение
(фото- на обука за користење на рендген апарат)
По војната Битолската болница формира оддел за радиологија каде меѓу првите лекари специјалисти радиолози работат д-р Драган Кокалевски и д-р Томе Дериевски.
„После Втората Светска војна настапуваат да работат специјалисти радиолози во одделот за Рендген во болницата во Битола што беше голем успех во тоа време. Одделот растеше и се развиваше со големи чекори во следните децении и во 2006 година веќе апаратурата се надополнува со компјутерска томографија. Одделот броеше 7 специјалисти кои работеа компјутерска томографија, па дури и ендоскопски процедури“, вели д-р Шикловска.
.
Постепено на Радиологија се развива и еден од најзначајните оддели тоа е одделот за мамографија, со нов ехо апарат за дојка кој од 2007 година е комплетно опремен по светски стандарди. Радиологија веќе се збогатува и со магнетна резонанца и започнува третман на пациентите по веќе воспоставени светски стандарди.
(Оддел за Радиологија - фото Клиничка болница Битола)
Во овој период на Радиологија својата стручност ја истакнуваат лекарите радиолози: д-р Лујза Вељановска, д-р Лидија Димитровска, д-р Ана Пејчиновска, д-р Ѓорги Сазданов и д-р Симон Силјановски.
(Од десно на лево) д-р Симеон Силјановски и д-р Драган Кокалевски
Подоцна на одделот доаѓаат двајца нови радиолози од приватното здравство, д-р Александар Димовски и д-р Владимир Јашовиќ со што до 2010 година тимот се комплетира.
Радиологија за кусо време добива нов специјалистички кадар со доаѓањето на лекарите: д-р Весна Шикловска, д-р Ирена Трајковска и д-р Сашо Василевски.
„Благодарение на овој развој на службата, во континуитет, низ сите овие години, сега сме во ситуација поволна за пациентите со високо софистициран магнет со најдобри софтверски решенија, компјутер на кој се работи ангиографија, како и резонанца на дојки. Напреднавме и во однос на дијагностиката на дојки бидејќи работиме и кор биопсија на дојки. Со оваа можност со вклучување на патологија и хирургија во Битолската клиничка болница имаме можност да се комплетира целиот процес со проблемите на дојка кај жените“, изјавија од стручниот тим на Радиологија и најавуваат дека се очекува нов компјутер.
Лекарите радиолози денеска низ целиот светот го одбележуваат 8 ноември како Светски ден на радилогијата. Медицинското снимање е една од највозбудливите и најпрогресивните дисциплини во здравството во кое радиолозите ја имаат примарната улога во грижата за пациентите со безброј направени рендгенските снимки, скеновите, ултразвукот и другите технологии на современите медицински слики.
Благодарение на радиологијата, денес може да се дијагностицираат многу болести. Но, овој ден ги актуелизира и ризиците и предизвиците при работење во оваа професија, потрагата по нови технологии и нови методи за добивање снимки, кои ќе бидат помалку опасни и штетни по здравјето не само за пациентите, туку и за стручниот кадар.
Текст - Анета Блажевска
Фото - архива Марко Кокалевски