АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ученици од средни училишта во градот кои не можат да користат бесплатен школски превоз денес реагирале кај одговорните во училиштата дека нема да доаѓаат на настава се додека не им се обезбеди бесплатниот превоз. Учениците биле револтирани бидејќи според нивни сознанија од денеска нема да имаат бесплатен превоз до 50 километри оддалеченост на нивните домови од училиштата. Директорите на училиштата уверуваат дека нема место за паника.
-Му кажавме на директорот дека мора да ни се обезбеди бесплатен школски превоз, инаку ќе бојкотираме, реагираат средношколци.
И родители до редакцијата на апла.мк реагираа дека проблемот со бесплатниот превоз на учениците се уште не е решен, иако им е загарантиран со закон, тие мора сами да ги сносат трошоците, за што според нив е проблем особено во оние семејства каде што има две, три или повеќе школски деца.
Од средното медицинско училишта „Др. Јован Калаузи“ , за апла.мк ги потврдија реакциите на учениците и изјавија дека „интензивно се работи на решавање на проблемот“. Во ова училиште со линиски превоз се опфатени 250 ученици и уште 140 со меѓуопштинскиот превоз.
-Учениците согласно промените во закон ќе се превезуваат со постоечките редовни автобуски линии, онаму каде што ги има,а до местата каде што не постои редовен превоз повторно ќе биде организиран посебен превоз во координација со Општината. Списоците за превозниците се подготвуваат, велат од Медицинското училиште .
И други директори на училишта потврдуваат дека имаат реакции од учениците, но смируваат дека ситуацијата ќе се среди за многу брзо време.
-Цело време сме во контакт со градоначалничката Наташа Петровска, со директорите на училиштата и со превозниците така што уште во текот на денот согласно дополнувањето на Законот за превоз во патниот сообраќај член 27 б (Службен весник на Р.М бр. 163 -2018) ќе се постапи по тој член и ќе се најде решение. Така што нема потреба од паника меѓу учениците и родителите и проблемот ќе биде решен, изјави Владимир Роме, ве-де директор на СОТУ „ Ѓорѓи Наумов“-Битола.
Советот на Општина Битола во летото изгласа измени на одлуката и дополнување на тарифата за општински линиски превоз донесени во 2012 и 2015 година. Со тоа што Општината треба да спроведе постапка за јавна набавка за превоз на ученици кои имаат право на бесплатен превоз, а ќе ги користат линиите од општинскиот линиски превоз.