АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денот на антифашистичкото востание на македонскиот народ и почетокто на народноослободителната борба, 11 Октомври, денеска се одбележува и во Битола.
Делегација на Сојузот на борците од Битола, заменик градоначалничката Емилија Костурски, претставници на Советот на Општина Битола, на политичките парти, Здружението на пензионери и други граѓани, денеска положија свежо цвеќе и се поклонија пред Споменикот на револуцијата пред Центарот за култура во Битола.
Заменик градоначалничката Емилија Костурска посочи дека 11 Октомври е еден од најзначајните историски датуми за Република Македонија.
-Историјата говори дека почетокот на вооруженото востание против окупаторот, ја искажува свесноста на македонскиот народ за непокор и ослободување од тиранијата. Денес, наша должност е да им оддадеме почит на нивната свест и совест. Би сакала од името на Општина Битола да им го честитам празникот на сите Македонци, да упатам желби за подобар живот на сите нас, но и поголема свест и совест за сите актуелни состојби, пред кои сме исправени во денешно време. Нека ни е честит 11 Октомври, денот на востанието, рече Костурска.
апла.мк
НА ДЕНЕШЕН ДЕН - 11 ОКТОМВРИ 1941
Започна АНТИФАШИСТИЧКОТО ВОСТАНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, кое постепено прераснало во Националноослободителна војна и довело до формирање на првата македонска национална држава. Имено, со решение на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, според однапред подготвениот план, поделен во три групи, на овој ден извршил напад на бугарскиот полициски участок и затворот и ги прекинал телефонските и телеграфските линии во Прилеп. Со тоа бил означен организираниот почеток на оруженото востание во Вардарскиот дел на Македонија против фашистичките окупатори, а за национална и социјална слобода и за создавање сопствена македонска национална држава.
Востанието на македонскиот народ и четиригодишната Националноослободителна војна која се развила од него, биле изведени, организирани и водени од националноослободителното и комунистичко движење на македонскиот народ. Македонските комунисти недвојбено стоеле на ставот дека националната слобода на Македонците нема никој да им ја дарува, туку дека таа треба да се извојува. Тие сосема јасно декларирале дека „Земјата што дала еден Илинден, таја ке дај и друг“, па на востанието и на Антифашистичката војна предводена од нив им давале сосема јасна, не само класно-пролетерска содржина, туку и македонска национална содржина.
Оттаму, антифашистичкото востание претставува најважниот меѓник во македонската борба за национална слобода и самобитност, во борбата за афирмација на одделниот македонски национален идентитет.
подготвил д-р Александар Литовски