АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
100 000 Македонци живеат во Германија, а секојдневно работни визи бараат од 80 до 100 лица, но ние сакаме развојот да е во насока тие не само да ја напуштаат својата земја, туку да се вратат дома и тука да ги применат знаењата и искуствата, рече германскиот амбасадор Томас Герберих при денешната посета на Битола.
„Има 100 000 Македонци кои веќе живеат во Германија, тие се основа на билатералната соработка. Претпоставувам дека бројот на луѓето кои ќе одат во Германија ќе биде уште поголем. Секој ден барања за работна виза поднесуваат од 80 до 100 лица. Изучувањето на германскиот ајзик од една страна ги оспособува и им дава можност да побараат и да најдат работа во Германија. Меѓутоа ние би сакале развојот да е во насока не само тие да ја напуштаат земјата и да одат во Германија, туку искуствата кои ќе ги стекнат таму да се вратат овде и тука да ги применат во својата земја.Политичката ситуација игра многу значајна улога и подобрувањето на истата, зашто не станува збор само за економско прашање, за пари, туку чувството кое им е потребно на луѓето е правната безбедност и стабилност за да можат да се вратат. Не сакаме да работиме само во насока сите оние кои знаат јазик да ја напуштат земјата, туку би сакале да има и такви кои ќе се вратат овде. Тоа е нашата заедничка цел“, рече амбасадорот Герберих.
Тој во Битола го посети Центарот за германски јазик „Илиеви“, како и просториите на Австриската амбасада во Битола, каде се сретна со почесниот конзул на Република Австрија д-р Валентина Илиева, која е и факултетски професор по германски јазик. Таа истакна дека до 1996 година германскиот јазик се изучуваше само во едно основно училиште во Битола, а сега го учат во сите основни и средни училишта. Многу наши сограѓани сакаат да студираат или работат во странство, рече конузлката, а токму преку Центарот за германски јазик во Битола го изучуваат јазик со помош на професори со кавлитетни познавања на јазикот и се стекнуваат со меѓународно призната диплома.
„Секојдневието , денешницата, наметнува многу наши сограѓани да сакаат да работат во Германија, да студураат во Германија, па оттаму се укажа и потребадата да има и диплома која ќе биде меѓународно призната. Таква диплома нуди овој Центар, кој од 2002 година е лиценцирано училиште со австриска јазична диплома и ги нудиме испитите за нивото А1 со Б2 со тоа што сите заинтереирани што го учат германскиот јазик во Македонија или во соседните држави можат да пристапат на испит и да се стекнат со диплома која ја издава Австрискиот испитен центар во Виена, Австрија“, рече Илиева.
Овие дипломи се признати и во Германија, Австрија и Швајцарија.
„Во Б1 испитот учествуваат германски, австриски и швајцарски експерти во создавањето на тестовите. Како Испитен центар ги добиваме комплетните испитни материјали, го спроведуваме испитот со едуцирани испитувачи, па одговорите ги пакуваме и ги враќаме во Виена каде од тим испитувачи се проверувани и врз основа на тие оценки се печатат дипломите кои се заштитени и на крајот ние ги добиваме и јас како претседател на Испитниот тим само ја потпишувам дипломата и ставам печат од Испитниопт центар во Битола“, рече Илиева.