АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дваесетина дена црквата „Света Богородица“ во битолското село Трново е без струја, се жалат од Црковниот одбор. Велат дека струја снемало на 18 ноември кога влажниот и тежок снег ги искинал жиците од бандерите. Во исто време без струја останаа и повеќе битолски села, но таму дефектите беа санирани.
„Прекинати се жиците меѓу две бандери. Од ЕВН ни велат дека ние треба да купиме нови зашто мислат дека преку нив со струја се снабдува само црквата, но низ дворот на црквата минуваат повеќе бандери преку кои се разгранува струјната мрежа за селото. Чекаме екипите да дојдат и да утврдат на лице место чиј е дефектот и кој треба да го плати. Ние не бараме милост, ако се констатира дека е на наш трошок тоа ќе се подмири, само црквата да добие струја. Веќе неколку пати бевме во канцелариите на ЕВН во Битола барајќи помош“, велат членовите од Црковниот одбор.
Поради тоа што нема струја, во црквата не работи ни алармот, а просториите не можат да се стоплат ни за богослужбите. Пред неколку дена без струја го прославиле и празникот на Пресвета Богородица кога имало задоволителна посетеност, но просториите останале студени.
Од ЕВН велат дека задолжително ќе испратат екипи, да се констатира што е проблемот и да се санира ситуацијата.