АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во 1912 година околу 10 000 битолчани масовни се вакцинирале од голема сипаница, а во 1914 година била спроведен и првиот систематски преглед.
За високото ниво на здравствена култура што во минатото ја имале битолчани зборува и податокот дека во 1912 година, точно пред 106 години, во градот била направена првата масовна имунизација со вакцина против големи сипаници. По Балканските војни и Првата светска војна во градот се спровела исто така масовна вакцинација против тифус и колера. Овие интересни податоци за здравствената заштита во Битола од пред еден век се дел од монографијата „Јавното здравство и превентивната здравствена заштита во Битола“ од познатиот битолски хроничар, професор д-р Александар Стеријовски.
-Многу се изненадив кога во весник што излегувал во Битола во далечната 1912 година прочитав дека се наведува во кои денови ќе се врши масовна имунизација. Пронајдов податок дека пред повеќе од сто години во Битола за првпат била извршена масовна имунизација против големи сипаници. Во месец и неколку ден околу 10 000 битолчани се имунизирани со шест лекари- вели Стеријовски.
Таткото на Цепенков спасувал деца од вариола вера
Сепак, според неговите истражувања и претходно имало обиди за имунизација на населението од заразни болести, а во тоа учествувал и народниот лекар Коста Цепенков, татко на македонскиот собира на умотворби Марко Цепенков. Во времето кога живеел во 19 век начинот на имунизација според одредени извори се нарекувал „калемење“ на сипаници (вариола вера). Така тој прво им помагал на децата од Прилепско, а подоцна низ цела Македонија. Има податоци дека во кичевската околија „калемел“ преку илјада деца, од кои ни едно не умрело, поради што кичевскиот владика му оддал признание.