АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
-Новинските агенции го дигнаа гласот против лажните вести кои во последно време го преплавуваат интернетот, уривајќи ги новинарските стандари. Како официјален претставник на Македонската информативна агенција-МИА присуствувавте на Меѓународна конференција „Новинските агенции против лажните вести“. Какови се впечатоците?
Борбата против лажните вести е борба против неточни вести, и таа не може и не смее да се разбира како борба против неприфатливи вести или вести што некому не се допаѓаат, особено ако мотивот за тоа се уредувачката политика на медиумот или нечија желба без разлика од кој центар или нарачател доаѓаат. Новинските агенции од Европа, на заедничка меѓународна конференција се фокусиравме токму на овој сегмент, да се спротивставиме на лажните вести, и во таа смисла, јас како претставник на МИА, ги презентирав ставовите на нашата новинска агенција, лични истражувања, нормативи и регулативи до кои дојдов работејќи на оваа тема. Инаку, на собирот што неодамна се одржа во Тирана, учествуваа претставници на топ-менаџментот на дваесеттина новински агенции од Европа, меѓу нив од Полска, Словачка, Украина, Турција, Србија, Косово, Бугарија, Азербејџан, Романија, Кипар, Грција, Македонија и домаќинот Албанија, односно националната новинска агенција АТА, а посебен гостин на конференцијата беше Александру Гибои, генерален секретар на Европската асоцијација на новинските агенции-ЕАНА.
-Што може да се каже од дискусиите, дали проблемот е подеднакво застапен кај сите земји учеснички или пак, кај нас предничи?
Лажните вести не се новитет со кој се соочува светот, туку феномен кој расте и се развива со алармантна брзина. Се сложивме со податокот дека сите се соочуваме со проблемот „лажни вести“ или како често се изговараат “Fake News”, и сите се уверивме дека треба да создадеме заеднички канали за соработка како полесно би се справиле со овој проблем. Со колегата од грчката агенција АНА-МПА, Михалис Псилос бевме единствени, дека тоа треба да биде заедничка борба на новинарите професионалци, кои почитувајќи ги новинарските стандарди и етика не помислуваат да го „заразат“ медиумскиот простор. Велам „заразат“, затоа што лажните вести се разнесуваат како вирус насекаде по светот и во стилот на овој речник, потребно е да се зголеми имунитетот на медиумите за да се заштити јавноста. Во време кога медиумите пласираат недоброј информации, а корисниците, публиката нема време да чита, анализира и споредува одредена содржина на вест од повеќе медиуми, тогаш важен е кредибилитетот на медиумот и довербата во него. А, како се вели, довербата е како душа, ако еднаш се изгуби, таа никогаш повеќе нема да се врати.
(Марјан Танушевски, член на УО на МИА и Армела Красничи, генерален директор, главен и одговорен уредник на АТА -албанска телеграфска агенција)
(Танушевски со Михалис Псилос, генерален директор на државната новинска агенција АНА-МПА)
-Какви се искуствата во опкружувањето?
Колегите велат дека во борбата против лажните вести треба да се вклучи секој, да се пресретнуваат лажните вести и брзо да се отстрануваат од јавниот простор за да не влијаат негативно во јавноста. Наш производ и понатаму треба да се непристрасни вести, точни и само точни вести. Лажните вести го поткопуваат новинарството како професија, и им штетат на читателите, на публиката. Негативните ефекти од лажни вести создадени со политички, финансиски или психолошки цели може да бидат огромни. Денес е полесно да се пишуваат лажни или „бледи“-ветви вести, и за жал тие да бидат прифатени од одредена публика која оптоварена со се и сешто, во оваа дигитална ера нема време да ги проверува информациите, рекоа колегите од новински агенции во Европа.
-Учествувавте со свое излагање, во првата сесија заедно со генералните директори на новинските агенции од Полска, Грција, Албанија и од Украина. Што беше во Вашиот фокус, какви проблеми презентиравте и какви решенија, со оглед дека како доктор на науки сте пишувале трудови на оваа тема?
-Презентирав резултати од истражувања и дадов препораки за надминување на проблемот. Потсетив дека лажните вести датираат од пред нашата ера, од времето кога Октавијан водел кампања против дезинформациите што ги испраќал неговиот лут ривал Марк Антониј, прикажувајќи го со недолични асоцијации, па дури и дека бил „кукла“ во рацете на египетската кралица Клеопатра VII. Посочив дека последниов период, често се случува одредени појави во јавноста, и во различни држави, да се мерат според развиеноста на државите, со степенот на демократичност и моќ за заштита и самозаштита од несакани појави. И, акцентирав дека, се повеќе познатата Макијавелистичка изрека „Целта ги оправдува средствата“, најчесто практикувана во политички цели, посебно за време на политички избори, денес има вистинска „конкуренција“ во една друга исто така ефикасна мудрост која гласи „100 пати кажана лага, станува вистина“. Лично сметам дека борбата против „лажни вести“ треба се води на повеќе нивоа, безпоштедно против сите медиуми кои шират „лажни вести“ и дезинформации, и исто така, таа борба мора да биде внимателна за да не се влијае врз независноста на медиумите. Добро е кога секој медиум, вклучувајќи го и вашиот, ја афирмира борбата против лажните вести, јавно се истакнуваат иницијативи и регулативи, се посочува на сознанија за лажни вести во државата или странство. И, уште нешто, важно е секој медиум, никогаш да не се публикува нити промовира лажни вести во јавноста.
-Каде се гледа решението на овој проблем кој ги тишти сите новинари и електронски агенции кои сакаат професионално да работат?
-За жал како во Македонија, така и во повеќе европски држави нема јасна регулатива за борба против лажни вести, но добро е што не е насекаде така. Имено, за учесниците на конференцијата прифатлив беше примерот што го истакнав, а го извлеков од германската регулатива за оваа проблематика со кој е предвидено емитерите/производителите на вести и информации кои во текот на една календарска година ако од аудиториумот добијат повеќе од 100 жалби и приговори за емитувани незаконски содржини, тогаш имаат обврска на секои 6 месеци на своите платформи јавно да постават извештај за жалбите по незаконските содржини. Извештајот мора да е лесно препознатлив, јасен и достапен во текот на цело време, а тоа со други зборови ќе значи дека секој посетител на порталот веднаш ќе забележи дека станува збор за медиум кој пласира лажни вести. Во секој случај борбата против „лажни вести“ е во тек. Алармот од страна на медиумите во кои работаат професионалци и искусни новинари е видлив и тоа охрабрува, а фактот што одредени држави освен со нормативи, се одлучуваат и за изрекување на високи казнени мерки и санкции, потврдува дека неопходно потребно е институционално да им се каже на „оние“ што вложуваат во производството на „лажни вести“ дека тоа е неисплатлив бизнис. Ако сакаме, а сакаме, да бидеме медиуми кои уживаат висок кредибилитет, интегритет, имиџ и традиција, тогаш не смееме да прифатиме на сметка на „нечии“ интереси да се откажеме од својата професионалност и вистинските вредности.
(Прием кај премиерот Еди Рама во „Палата на Бригадите на Кралот Зогу“)