2win800x200

Најстариот жител на Битола има над 514 години (Прочитајте за историјата на битолскиот чинар)

Февруари 16, 2019

 

Најстариот жител на Битола има меѓу 514 и 568 години. Тоа е градскиот чинар, природна реткост која се вбројува меѓу најстарите дрвја на Балканот. Во Македонија постари од него се само охридскиот и скопскиот чинар. Векови поминале покрај него, а овој природен феномен и по толку долг живот како да останал вечно млад.

Годините до некаде ги оддава само дебелото стебло кое под тежината на дрвото високо 35 метри, напукнало во најдолниот дел. Инаку, густата крошна чиј дијаметар зафајќа неверојатни триесетина метри за скоро и ова пролет ќе разлистана и расцути со топчести соцутија како да е во цутот на младоста.

Чинарот фатил корен до затворот

 

Многумина битолчани секојдневно минуваат крај чинарот уживајќи во неговата дебела сенка, но малкумина ја знаат неговата историја. Жителите од улицата „Димитар Влахов“ за стариот сосед раскажуваат дека бил засаден во дворот на турскиот женски затвор.

„Во изминатите години тајната за минатото на чинарот се откри при реконструкција на една од околните куќи. Таа куќа во турско била женски затвор. Соседот кој е иселеник во Шведска, ја реновираше куќата пред две –три години, а во ѕидовите најдовме доста документи пишувани на рака на арапско писмо. Ги однесе во установа во Скопје и дознавме дека дрвото е старо 568 години, а го посадила некоја затвореничка во дворот на затворот да остане како спомен“, раскажува битолчанецот Трајан Ивановски.

Дрвото се наоѓало во дворот на женскиот затвор, но и во близина на Катиланата, како што се нарекувал централниот затвор во турско време во Битола. Д-р Душко Константинов во монографијата за „Струга и Струшко“, објавена 1970 година пишува дека и Димитар Миладинов бил во затвор близу чинарот, пред да биде спроведен до цариградските зандани.

„Во 1861 година преродбеникот Димитар Миладинов чмаел во темните ќелии на битолскиот централен затвор, во близина на градскиота амам, кај чинарот. Неговата жена испратила молба за ослободување до англискиот конзул во Битола и францускиот амбасадор во Цариград. Но добронамерните интервенции не помогнале, па Миладинов бил спроведен во Цариград“, пишува во книгата.

Стевче Тодоровски, доктор по архолеогија вели дека чинарот во Битола бил посаден некде во 1505-1506 година заедно со градењето на џамијата Иса Фекиј која е одма до него.

„Инаку ова место било плоштадот каде се собирале Турците,кога настанал градот од левата страна на реката Драгор,местото е познато како Карабатак маало. Од каде идејата на Турците да садат чинари? Султанот Осман Гази (1258 – 1326) сонил сон, како огромно дрво му расте од папукот на стомакот. Отишол кај светиот човек Едебали од Согут за да му го протолкува сонот. Тој му кажал дека овој сон го преставува коренот на неговата моќ. Од тоа дрво е родот на сите султани кои следат,а тој е коренот. За да се оствари сонот Едебале му рекол за жена да ја земе неговата ќерка, Осман го послушал, а од тоа дрво се родиле останатите султани. Приказната за турските султани последователно е прикажана на дрвото чинар, од кој основата е Осман а гранките останатите султани кои ја носеле Персиската титула Падишах“, вели Тодоровски.

Привилегија и опасност да се живее крај него

Дрвото за да опстои низ вековите донекаде помогнала и грижата на соседите, кои во неколку наврати го спасиле од пожар, го наводнувале, одгледувале. Но, за жал живеењето до него станува опасно.

„Ние не бараме да го сечат, туку редовно да ги кастрат гранките. Мажот ми само збираше петиции, одеше по установи. Пет пати откорнати гранки ни ги кршеле прозорците, преку 200 герамиди сме менале, два пати годината стававме мајстор да ги исчисти олуците. Во гранките испреплетени се жиците за струја, за телефон. Корењата на дрвото ни го креваат подот. Само плочки менуваме и вратата ја потсекуваме- се пожали пред неколку години Симонка Ивановска.

Реставрацијата попуштила

 

Дрвото во 2004 година беше реставрирано и конзервирано, но денес попуштиле заштитните материјали. Како природна реткост беше заштитено до 1996 година кога со измените на законот престанаа да важат надлежностите на битолскиот Завод и музеј да го заштитува. Околните жители велат дека стеблото е напукнато, па апелираа да се најде начин за негова заштита и одржување за градот да не остане без својот најстар жител.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани