2win800x200

Уметникот кој Фиренца ја донесе во Битола

Февруари 28, 2019

Битолчанецот Константин Шкодрану по професија фармацевт, пред повеќе од еден век имал самостојни изложби во Фиренца, Италија, ја насликал Влашката црква во Битола, а во градските куќи оставил ѕидно сликарство со мотиви од Венеција. Ова е уште еден уметник од крајот на 19 и почетокот на 20 век кој докажува дека Битола се развивала по европски терк.

 

Шкодрану (1853-1926) им ја лекувал душата на битолчани и како фармацевт и како уметник. Бил роден во Битола, а завршил фармација на Факултетот за медицина во Константинопол (Цариград). Таму неговиот сликарски талент го забележал турски великодостојник кој му помогнал да замине во Фиренца и Рим. Таму останал две децении. Во Рим се запишал во Школата на убавите уметности, а во Фиренца имал повеќе самостојни изложби. Сликал најчесто портрети, пејзажи и сцени синтеза помеѓу реалистичкото и романтичното сликарство. Неговиот творечки ангажман многу придонел за издигање на градската средина во Битола паралелно со европското културно, творечко, цивилизациско милје.

Во 1900 година Шкодрану се вратил во Битола каде работел како професор по дизајн и калиграфија во познатата романска гимназија. Неговото сликарство е од исклучително значење за градот, бидејќи покрај движните уметнички дела што ги создал, работел и ѕидно сликарство во голем дел на битолски староградски куќи. Најчесто овие дела, со поголем формат, биле според мотиви на венецијански мајстори, со што, не само што ги украсувал домовите на битолчани според сите европски стандарди, туку ја обележал Битола како цивилизациски центар кој со ништо не се разликувал од останатите европски, особено италијански градски центри“, вели Владо Ѓорески-Рафик, графички уметник.

Шкодрану со уметникот Антон Серафини од Италија го насликале иконостасот во црквата „Св. Константин и Елена“ во Битола, позната како Влашка црква. Таа во 1904 година била изградена во центарот на Битола, а во шеесетите години била срушена и изградена во Влашкото Маало.Portret na zena detal

Portret maslo na platno po etok na 20 vek

(Портрети од Шкодрано) 

„Во сликањето на иконостасот од оваа црква го повикал најверојатно неговиот пријател од Италија, Антон Серафини, кој пак во оваа црква реализирал повеќе сликарски дела со кои потполно е напуштена поствизантиската традиција, преку дела кој дефакто се под влијание на најистакнатите венецијански бароктни мајстори. Со ова, Константин Шкодрано всушност е првиот автор кој поттикнал реализирал и ангажирал мајстор со кој создале едно ново, црковно сликарство во директна корелација особено со италијанската ликовна исклучително значајна уметност во Европа и светот“, вели Ѓорески.

Податоци за животот на овој уметник се објавени во монографијата за црквата „Св. Константин и Елена“ од историчарот на уметност Ристо Палигора, публикувана по повод 50 години од дислокацијата на црквата. Таа е единствена црква со оџаци, а осветена е на полноќ.

Ж. Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани