АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Локалната власт во Битола го потпиша договорот за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола. Претседателот на Совет Валентин Груевски за Апла.мк потврдува дека договорот за обнова на Офицерски во вредност од 1,1 милиони евра е потпишан,
по што тендерот за избор на фирма за реставрација на објектот, на фасадата и внатрешноста ќе биде распишан веднаш по изборите, рече Груевски.
На крајот на октомври лани Општина Битола ја набави целокупната потребна документација за реконструкција на Офицерскиот дом која претходно ја немаше и најави дека се подготвени за распишување на тендер за отпочнување на реконструктивни зафати.
Реконструкцијата на Офицерскиот дом беше ветување на актуелната власт на локалните избори. Во изминатите месеци Општината работеше на собирање на комплетната документација, а целокупната процедура се спроведуваше законски.
Лани летото во јуни, Општината ја доби и потврдата за конзерваторско одобрение за Офицерскиот дом.
Сега на почетокот на април на јавната расправа за Офицерскиот дом во Битола, беше кажано дека проектната документација ја изработи проектантската куќа „Глобал“ од каде рекоа дека комплетно ќе биде задржана автентичноста на надворешноста на објектот.
-Се потрудивме со проектната документација да се задржи убавината на Офицерскиот дом, да го врати стариот сјај и нашата интенција беше да биде што поблиску до оригиналните, автентичните изрази на целиот објект. Надворешниот изглед мора апсолутно да остане ист, со тоа што со примена на некои посовремени материјали ќе се обидеме објектот да биде на некој начин потраен. Тоа подразбира комплетна санација на фасадата, промена на дограма, прозорците кои се страшно руинирани повтооно ќе бидат од природно дрво, но ќе се прилагодат на некои нови тенденции, односно ќе бидат енергетски ефикасни, а ќе се среди и кровната конструкција, најави Витомор Савиќ, конзерватор проектант од проектантска куќа „Глобал“ која ја изработи целокупната проектна документација.
Проектантот се потрудил да најде фирми во светот кои ќе можат да го опслужат изведувачот со материјали за и внатрешноста да биде блиску до оригиналот.
- Во внатрешноста порано имаше прекрасен ентеријер, а сега постојат некои остатоци од подните површини. Имаше неверојатно убав паркет кој ретко се јавува на нашите простори и плочки кои во тоа време беа најатрактивни. Се потрудивме да најдеме производители низ светот кои можат да ги изработат, затоа што тоа е занаетчиска работа која денеска многу ретко може да се најде, посебно не во Македонија, за жал. Што се однесува до намената, Офицерскиот дом ќе биде огледало на Битола, пред се, тој простор ќе се користи за културни настани. Но работа е на инвеститорот дали обејктот ќе има и други намени, рече Савиќ.
Претставниците на проектантската куќа уште најaвија дека со проектот се предвидува и партерно уредување на Офицерскиот дом, во кои се опфатени чешмата и придружните објекти, платото, како и хортикултурно уредување на просторот.