АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По цели 37 години работа за првпат ќе се реконструираат електростатските филтри на блоковите на енергетскиот стожер во земјава, РЕК „Битола“. Загрижува податокот што филтрите на првиот и вториот блок биле градени во периодот од 1979 до 1982 година, на третиот блок во 1986 година, а до денес не претрпиле никаква ревитализација. Дури и кога во 2007 година претходното раководство на Комбинатот ја започнало постапката за добивање на А интегрирана дозвола, иако намалувањето на прашината бил еден од условите, сепак, не се започнало со „освежување“ на филтрите.
Еден електростатски филтер е колку десеткатница
Со цел заштита на животната средина и достигнување на европските стандарди за емисија на прашина, сегашното раководство на ЕСМ одлучи со сопствени средства да ги реконструира филтрите. Во тек е меѓународен тендер за избор на фирма за набвака и инсталација на филтри. Досега интерес имаат пројавено пет фирми, а на 15 мај ќе се отворат понудите. Оние компании кои ќе ги исполнат пропишаните услови влегуваат во втора фаза од постапката , каде ќе треба да предложат проекти како да се изведе реконструкцијата за загадувањето да се сведе до европски норми.
Тоа ќе биде доста сложен зафат зашто само еден филтер, а ги има три, висок е 24 метри, со должина од 20 метри. Тоа не е обичен филтер поставен на оџак, туку цел објект голем колку десеткатница.
(филтер -објект со височина 24 метри и должина 20метри)
37 години никој не ги ревитализирал, за првпат објавен тендер за реконструкција
За реконструкција на филтрите ЕСМ ќе издвои 20,4 милиони евра сопствени средства со што ќе покажи дека се грижи за животната средина. Ова е најголема инвестиција во животната средина од компанија во државна сопственост со години наназад. Воедно и едно од ветувањата на сегашниот директор Васко Ковачевски, кога дојде на чело на РЕК, беше дека ќе преземе иницијатива за реконструкција на филтрите што сега ќе се спроведе на дело.
Реконструкцијата на електростатските филтри ќе се одвива заедно со замена на вентилаторите за димни гасови. При тоа за реконструкцијата на електростатските филтри планирани се 12,9 милиони евра, а за замена на вентилаторите за димни гасови 7,5 милиони евра.
-Бидејќи јавноста многу често се интересира во врска со прашањето со филтрите во РЕК Битола и граѓаните сакаат час поскоро тие да бидат поставени, сепак мора да кажеме дека самата постапка бара време. Ова е почеток на таа постапка. Тендерот е распишан кон крајот на март, а избраниот економски оператор ќе почне со реконструкцијата на филтрите на почетокот на 2020г. Во следните три години ќе се реконструираат сукцесивно филтрите на сите три блока на РЕК Битола. За овој проект имаме предвидено 20 милиони евра и ова е еден од најзначајните зафати за ЕСМ, бидејќи покрај инвестирањето во нови капацитети кое што го правиме, исто толку е важно и инвестирањето и одржувањето на постоечките наши капацитети, се со цел зголемување на нивната продуктивност и зголемување на заштитата на околината во текот на нашиот производен процес, рече Драган Миновски, генерален директор на ЕСМ при последната посета на РЕК Битола.
Филтрите со нови параметри, ќе пропуштаат прашина до 20 милиграми на метар кубен
Со реконструктивниот зафат дури за пет пати ќе се намалат емисиите на прашина од оџаците на РЕК „Битола“. Кога во седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век се правеле филтрите биле проектирани да пропуштаат до 100 милиграми прашина на метар кубен. Во меѓувреме, се поставија нови норми до 50 милиграми на метар кубен, а реконструираните филтри ќе испуштаат најмногу до 20 милиграми на метар кубен, според директивите на ЕУ.
И сегашните филтри, иако стари помагаат во заштитата, покажуваат податоците дека тие се проектирани на влез за 48,5 грама на метар кубен прашина, а на излезот до 100 микрограми на метар кубен. Тоа значи дека ако не работи филтерот 17,42 килограми во секунда ќе се исфрла прашина во воздухот. Такви ситуации нема, што е показател дека филтрите работат секој ден по 24 часа.
Експертите велат дека за време на реконструкцијата блокот не смее да работи, па ќе мора да е во капитален ремонт. Бидејќи не можат оддеднаш да се исклучат сите три блока, „освежувањето“ на филтрите ќе се извршува еден по еден во периодот од 2020 до 2022 година.
Целата работа ќе се изведува во склоп на проектот „Модернизација и рехабилитација на РЕК Битола, намалување на јаглероден диоксид, прашина и други штетни супстанци“.
(лево на сликата е оџак во РЕК Битола кога филтерот не работи поради прекин во напојувањето при дефект на далекувод на 21.09.2018, а десно оџак кога филтрите се во функција)