АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По 15 години битолските пожарникари добија нова заштитна облека и дишни апарати со компримиран воздух. Оние кои до сега ги користеа, беа набавени во 2004 година како донација и не беа нови.
„Пожарите во урбана средина се поризични и токму оваа опрема што ни ја донесоа ни беше неопходна. За пожари на отворено се справуваме, а со оваа опрема која навистина е по бараните стандарди ќе бидеме позаштитени за да можеме да делуваме. Со досегашната опрема бевме исложени на отворен оган“, рече Горан Димковски, заменик на Противпожарната единица во Битола.
Точно пред две години пожарникарите се пожалија дека работат со застарена заштитна опрема со што животите си ги изложуваат на ризик. Рекоа дека немаат униформи, летна, зимска опрема, чизми кои требаше да им ги обезбеди Општината. .
Сега набавени се 42 противпожарни комбинезони, чизми и шлемови и 16 дишни апарати кои им се доделени на Противпожарната единица во Битола по повод 183 годишнината од нејзиното формирање. Таа е е најстара на Балканот.
„Над четири милиони денари се средства кои на Општина Битола ѝ следуваа преку Програмата за рамномерен регионален развој. Имајќи ја во предвид лошата кондиција во која беше Противпожарната единица кога ја презедов локалната самоуправа, одлучив овие средства да бидат наменети за нив. Преку истата програма оваа година средства ќе искористиме за набавка на противпожарно возило, а општина Битола ќе се вклучи со кофинансирасње “, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Опремата е набавена преку Центарот за равој на Пелагонискиот плански регион и програмата на Бирото за регионален развој.
„Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион покрај за Битола, набави дел противпожарна опрема по барање на општините Прилеп и Ресен. Се набавуваат и едно противпожарно навално возило за Прилеп, 16 дишни апарати со компримиран воздух, 55 комбинезони за пожар на отворено и 10 интервентни оддела“, рече Гого Видимче, директор на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
Според експертите на ниво на држава недостигаат околу 750 пожарникари, а многу од потивпожарните единици имаа застарени возила. Од локалната самоуправа велат дека за надминување на состојбите во однос на кадарот и возилата мора да се воведе законско решение со кое соодветна финансиска надохнада ќе се добива и од други институции.
Обележани 183 години од формирањето на битолската Противпожарна бригада, најстара на Балканот