АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
После 8 години, одблокирани се сметките на осум основни и две средни училишта во Битола. Досега се исплатени 2,6 милиони евра долгови за потрошена струја, нафта, побарувањата на дел од превозниците, долговите кои со години се трупаа кон јавните претпријатија. Ваквата сосотојба го отежнуваше нормалното функционирање на училиштата, а долгот кој го наследи оваа локална самоуправа изнесуваше 4,3 милиони евра.
Лани на десет дена пред почетокот на учебната година битолските училишта поради долг над 100.000 евра останаа без струја. Сметки престанале да плаќаат во април 2017 шест месеци пред локалните избори. Потоа следеа преговори и договори за да се обезбеди електрична енергија до почетокот на учебната година.
-По долгогодишна голгота на блокираните училишта во Општина Битола, сакам да Ве информирам за огромниот успех кој како општина го постигнавме токму пред почетокот на новата учебна година. Не така одамна, на 31.12.2017 година, основните училишта имаа долгови од околу 180 милиони денари, средните имаа долгови од над 85 милиони денари или вкупно, училиштата должеа повеќе од 4,3 милиони евра. Тоа значеше секојдневно соочување со можност за исклучена струја, проблеми со набавка на нафта за греење за децата, што се основни потреби, а за останатите редовни потреби на секое училиште и да не зборувам. Проблем кој го немаше ниту една општина во државата, рече Петровска.
Исплатени се 105 милиони денари обврски на основните училишта или долгото е намален за 60 проценти, а во средните долгото е намален за 56 милиони денари или над 65 проценти.
-Со парите, што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен, или да се набават 10 еколошки автобуси. Дополнително, општината не само што за година и 9 месеци отплатуваше нечии наталожени долгови, туку во истиот период вложуваше инфраструктурно во образовните објекти, кои беа оставени на немилост, во катастрофална состојба, со руинирани училници, неупотребливи тоалети и што уште не, додаде градоначалничката, потенцирајќи дека Општината, лани и годинава вложи повеќе од 2,2 милиони денари за подобра инфраструктура во училиштата, а во тек е јавна набавка за санација на објекти во висина од 3,4 милиони денари.
-Во неколку наврати досега сум кажала, но повторно ќе потенцирам, за мене и за општината, образованието останува да биде приоритет број еден. Тоа е нашиот столб, нашиот влог во генерациите што сме ги создале, во нашите деца. Тоа е влог во нашата иднина“, рече градоначалничката Наташа Петровска, на прес конференцијата одржана во Општина Битола.
Од вкупно десет училишта, со блокирана сметка остана само ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Бистрица, а наскоро со ребалансот директно од општинскиот буџет ќе бидат исплатени долговите и на ова училиште