АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола во текот на вечерта и утрово беше најзагаден град во земјава. Од вчера вечер котлината е приклештена до магла, по битолски кажано сињак, која не дозволува проветрување и загадувачките супстанци остануваат под маглената капа. Видливоста е намалена на десет до петнаесет метри.
Така, утрово ПМ 10 честичките измерени од мерната станица Битола 2 изнесуваа 145 микрограми на метар кубен, што беше повеќе од било кое друго населено место во Македонија.
Иста беше состојбата и во текот на вечерта. Највисоки концентрации на ПМ10 честички беа измерени околу полноќ во Битола во споредба со сите други градови во земјава. На официјалната страница за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина беа објавени податоци дека мерната станица Битола 2, која се наоѓа во центарот на Битола, измерила 341 микрограм на метар кубен суспендирана прашина. Втор на листата, по Битола е Струмица со измерени вредности од 249 микрограми, а на трето место Тетово со 155 микрограми.
Во Битола беше позагадено дури и од главниот град Скопје каде вредностите околу полноќ беа три пати помали.
За високо загадување деновиве алармираше и Платформата „Земи здив“. Од таму и во текот на минатата недела регистрирале зголемени концентрации на загадувачките ПМ10, ПМ2,5 И ПМ1 честички. Најголемо загадување регистрирала мерната станица во Баир, потоа мерните станици во Бадембалари, Јени Маале и Баир беа со повисоки вредности, а Декорпод, СН Центар и Општина Новаци со релативно пониски вредности.
Веќе три дена Битола е приклештена под капа од сињак, како што битолчани ја нарекуваат маглата. Таа ја намали видливоста и темепратурата ја држи неколку степени над нулата. Маглената капа е штетна зашто не доволува проветрување на воздухот и под неа остануваат сите загадувачки супстанци.
Во Битола во просек има по 22 магловити денови. За најмаглив месец се смета декември со 6,4 денови со магла, па јануари со 6,3, ноември со 4,1 и февруари со 2,8.
Ж.ЗДРАВКОВСКА