АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Апла: Пешачкиот премин кај Епинал е една од рак раните на сообраќајот во Битола. Дел е од Корзото, па минувачи има постојано и редовно се создаваат колони возила. Како да се реши овој сообраќаен проблем?
Во овој контекст, сакам да истакнам дека при планирање и реализирање на проекти од сообраќајот и транспортната инфраструктура во градовите, главниот приод во планирањето треба да биде насочен кон луѓето и кон обезбедување на услови за подобрување на мобилноста на граѓаните со користење на алтернативни видови на превоз, а не кон возилата и никако кон создавање на услови за зголемување на бројот на возила. Тоа е така, затоа што во изминатиот транзициски политичко-економски систем во државата имавме зголемување на степенот на моторизација, а намалување на моќта на локалните самоуправи за поголеми инвестиции во проекти од транспортната инфраструктура, посебно инвестиции во јавниот градски превоз и паркирањето, со што се создадоа услови за намалување на капацитетот на уличната мрежа посебно во централните подрачја на градовите, односно, имаме застои на сообраќајот, голем процент на непрописно паркирање, што за мене е извор на небезбеден, несигурен, неконфорен и нееколошки сообраќаен систем.
Апла: Дали поставување семафор е соодветно решение?
Кога се предлагаат мерки за решавање на сообраќаен проблем постои протокол, кој подразбира прибирање на податоци од терен, нивна соодветна анализа, предлагање на варијанти, тестирање и споредба на варијантите, па дури потоа избор на мерка, нејзина имплементација и следење на ефективноста на таа мерка. Сметам дека семафор не е оптимално решение за пешачкиот премин кај Епинал поради тоа што само би се зголемиле негативните ефекти кои доаѓаат со бројот на возила, структурата на сообраќајниот ток, работата на семафорот, а најмногу зголемената потрошувачка на гориво, издувни гасови поради т.н.“ тргни-застани“ состојба на возилата со што ќе се влијае и на зголемување на вкупното загадување на воздухот, како и ограничувањата кои ги поставува Законот за прогласување на старо градско јадро за културно наследство.
Апла: Каде тогаш го гледате решението за преминот кај Епинал?
Временски и финансиски поволни варијанти се целосно исклучување на моторниот сообраќај со траен режим на забрана за одвивање на моторен сообраќај на потегот од пресекот на улица „Димитар Илиевски Муратот“ со улица „Никола Тесла“ и улица „Пеце Матичевски“ или делумно исклучување на моторниот сообраќај со еднонасочен режим за моторниот сообраќај во насока спротивна од насоката на движење на ул. „Солунска“ и изградба на издигнат пешачки премин во ниво на Широк Сокак. Ако сум добро информирана во тек е постапка за избор на економски оператор за изработка на сообраќајна студија за режим на сообраќај во централното градско подрачје, па, верувам дека резултатите од студијата ќе покажат кое е најдобро решение за преминот кај Епинал! Сакам да дополнам и дека дизајнерските пешачки премини на пресекот на Широк Сокак со „Д.И.Муратот“ и на пресекот со „Солунска“, а кои беа изведени во рамки на Европската недела на мобилност се впрочем начин со промоција на времена мерка да укажеме дека на тие локации решенијата треба да се менуваат!
Апла: Дали забраната за движење на моторни возила во тој дел значи затварање на паркингот Гоце Делчев?
Да, секако, таа одлука е веќе донесена на Совет и тоа на истата седница кога се носеше и одлука за одржливо планирање на мобилноста во градот - ПОУМ, што за мене, беше многу логично и единствено оправдано, но, еве до денес, не е спроведена донесената одлука?! Верувам дека е тоа поради превземањето на стопанисувањето со паркирањето во градот, верувам дека на раководството на новоформираното ЈП за паркирање им треба период на организација и план за менаџирање со паркирањето што пак подразбира обезбедување на алтернативи за паркирање и дека наскоро ќе го видиме плоштадот Гоце Делчев со еден хуман изглед.
Ослободнување на тротоарите од возила
Апла: Бевте дел од анкетата под наслов „Да планираме заедно“. Кои се придобивките за градот?
Точно, бев среќна што Битола е избрана во петте пилот општини во рамки на меѓународниот проект за урбано планирање на Германската агенција за развој и што токму јас и бев доделена на општината како надворешен консултант. Работевме напорно, и не само анкетата која ја споменавте, туку имавме и низа на експертски работилници, а резултат на шестмесечниот труд е Акциониот план 2019-2021 на активности за одржлива урбана мобилност. Мерките се дефинирани според резултатите од анкетата, а во фокусот ни е подобрување на условите за пешачење и пешачката инфраструктура, формирање на пешачки зони, смирување на сообраќајот во зоните на училиштата и зоните за домување, ослободување на тротоарите од паркираните возила, изведба на монтажни платформи за паркирање на возила на локации околу потесното централно подрачје - прв ринг како брзо и најевтино решение, мерки за зголемување на уделот на јавниот превоз во вкупната распределба на патувањата во градот, мерки за подобрување на велосипедската инфраструктура, оптимизација на користењето на автомобилите, потреба од добро одржување и рехабилитација на коловозите на уличната мрежа, а со тоа намалување на загадувањето и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Аплa: Акциониот план е донесен, кога ќе се спроведе на терен? .
Акциониот план е усвоен во Советот на општина Битола на една од последните седници во месец Декември 2019 година, повторно едногласно! Со ова мојата задача е завршена! Понатаму, на потег се носителите на одлуки, затоа што доколку нема хоризонтална соработка помеѓу секторите во општината и вертикална соработка со останатите инстанци и доколку не се реализираат проектните решенија и по неколку години или декади, тогаш, можеме да имаме и неколку сообраќајни факултети во градот кои ќе испорачуваат решенија, а состојбата со сообраќајот сеуште да биде тажна !
Општинските совети за безбедност оставени без финансии
Вие сте и претседател на општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во Битола. Како ја оценувате состојбата и какви се плановите за 2020 ?
Во советот сум од мај 2018 година. Лично, сметам дека Општинските совети за безбедност на сообраќајот-ОСБСП се „ничие дете“! Имено, Законот за безбедност во сообраќајот предвидува дека Општинските совети се формираат на предлог на Републичкиот совет-РСБСП, а се советодавно тело на Советот на општината кој пак треба да ја одобри програмата и финансискиот план. Со жалење морам да констатирам дека немаме планови за 2020 година, затоа што постои незадоволство помеѓу членовите поради тоа што и кај претходниот и кај новиот состав на РСБСП нема расположение за наоѓање на форма за финансирање на нашите активности и ангажмани. За волја на вистината и јас и моите колеги во советот и многу поединци и институции се вложивме и сработивме многу во изминатата година и осум месеци, но, ваквиот пристап на функционирање ни го намалува ентузијазмот и волјата за ангажирање. Всушност, лично мислам дека она што го работеше претходниот состав на РСБСП барем од кога јас сум на оваа позиција, и она што овој состав продолжи да го работи треба да биде задача на општинските совети, додека Републичкиот совет треба сериозно да се позанимава со ревизија на безбедноста на патиштата, и со политиките и стратегиите за подобрување на состојбата со безбедноста во сообраќајот!
Добитник сте на наградата 4-ти Ноември на град Битола. Како ја доживувате и како го коментирате политичкото поврзување во поглед на добивањето на наградата?
Наградата 4-ти Ноември на град Битола или највисокото општинско признание, ја чувствувам и повеќе од заслужена! Горда сум и задоволна на сработеното и постигнатите резултати, а наградата ја доживувам како потврда дека и дома некој знае да вреднува резултати како и европските институции. Наградата ме мотивира, ме тера да истраам и навистина ги прекри во мене трагите од мака и стрес од активностите во изминатата година!
Моето лично убедување е дека еден универзитетски професор кој го изминал вистинскиот, оној трнлив пат до титулата доктор на науки, не би требало да се радува ако е дел од една политичка констелација, односи и случувања каква што имавме во изминатите 20 години. Напротив, убедена сум дека треба да се цени квалитетот и експертизата, па ако одлучам да ја понудам тоа ќе биде јавно и транспарентно, така што навистина нема потреба од политички поврзувања!
Ж.Здравковска