АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Панде Манојлов е еден од наплодните и најквалитетни македонски поети, со триесетина објавени книги, а неговите песни се преведувани на над триесетина јазици во светот. Неодамна се закити со Наградата за поезија Ацо Шопов.
Какво е чувството да се добие една ваква престижна награда?
П.М. Наградата за поезија „Ацо Шопов“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија е највисоко и најголемо признание за поетите,членови на Друштвото на писатели на Македонија. Се доделува еднаш годишно на 13 февруари, денот на основањето на оваа значајна македонска асоцијација, чиј прв претседател бил нашиот бесмртен великан Блаже Конески. Награда за почит, за восхит, награда која обрзува... Награда која многу значи зошто ја доделуваат писатели, ваши колеги од еснафот. А една е за поезија и само еднаш годишно се доделува, се разбира, покрај останатите три награди: за проза, за литературна критика и за тврештво за деца и млади... Навистина сум среќен.Исто како што бев среќен и пред неколку години кога ја добив наградата за поезија за деца и млади „Ванчо Николески“ што ја доделува ДПМ. И што е поважно: наградата стигнува во Битола, градот малку подзаборавен од Скопје.
-Дали поетот Ацо Шопов ти е меѓу омилените поети?
П.М.Секако! Тој е еден од најголемите македонски поети. Својата книга „Песни“ ја објавил уште во 1944 година. Уште кога бев ученик во основното училиште неговите песни беа во наставните програми, се разбира покрај Ванчо Николески. Популарни беа неговите песни посветени на партизаните, патриотски песни за бесмртните борци и патриоти... .И сеуште ми одекнуваат стиховите од песната „Очи“:
„Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава рана ни капеше в срцe.“...
-Ја знаеш наизуст неговата поезија?
П.М.Незаборавни се стиховите на Ацо Шопов и од неговите стихозбирки: „Слеј се со тишината“, „Ветерот носи убаво време“, „Небиднина“ ... Во нив има прекрасни антологиски стихови кои читателот, просто ги впива во неговата памет и ги учи наизуст, за гласно да ги чуе и самиот но и ветерот што дува околу него и сите нас, човек просто ДА СЕ СЛЕЕ СО ТИШИНАТА:
„Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го длабоко во тишината,
тишината сама ќе го рече.“
За која книга го доби ова значајно признание?
П.М.Наградата ја добив за стихозбирката „Јушни реки“ што ја издаде книгоиздателството „Силсонс“ од Скопје во 2019 година. Содржи седумдесет и четири песни поделени во три циклуси. И во оваа стихозбирка како и сите мои претходни, песните се лирски со патриотски набој... Пишувани се во традиционален стил за да може секој да ги разбере, без во нив да експериментирам и да пишувам само заради да напишам. Татковината нам ни е оставена, земјата, небото, македонските јужни реки кои не треба да ги заборавиме и колку да не притискаат и од надвор и од внатре... Ние сме народ со сопствени корени, сопствена историја и култура... И треба ли тоа да го премолчуваме?
П.М. Колку време ти требаше да ја напишеш оваа стихозбирка?
Секој стих, секоја строфа, секоја песна треба да се одболедуваат! Да ве џишнат како Шишка на Владимир Костов, во срцето... Да ја видиш со отворени очи убавината на ова наше македонско поднебје, да пладнуваш во него но и да ја почувствуваш болката од камата на комшијата, на незнајниот или на блискиот до себе... Многу се исподеливме а не ни требаат делби...
П.М. Која е пораката во стиховите од оваа книга?
Кратка и едноставна: да си ја сакаме татковината, да си ја сакаме Македонија исто како што ја сакал Миладинов, Рацин, Шопов, Конески, , Гане, Анте... Ние битолчани да си ја сакаме нашата Битола со срце и душа... Има во оваа книга неколку песни посветени на овој наш град на носталгијата. Така ја нарекувам Битола: град на носталгијата!
П.М. Колку време се занимаваш со творештво?
Наредната 2021 година се навршуваат педесет години од излегувањето од печат на мојата прва стихозбирка „Црвен немир во црвено пламти“... Па, пишување пред тоа и објавени песни во разни списанија... Што ќе рече, дека сум стар писател, а не „млад“ поет.
П.М. Колку книги си објавил?
Засега се објавени 29 книги. Триесетата наскоро оди во печат и уште две се книги поезија во ракопис. Од нив, три се поетски книги за деца и млади, една раскази за деца и млади, една театарски критики, три се раскази за возрасни, една е монографија и сето останато се поетски книги за возрасни. Притоа да нагласам дека во државата Палестина, ме сметаат за нивни поет. За напишаните песни објавени најмногу на арапски и англиски јазик а посветени на страдањата на овој напатен народ.
П.М.На колку јазици си преведуван?
Навистина не бројам. Сигурно, поединечни песни ми се објавени над триесетина јазици во светот. Тука, кај нас, две книги поезија ми се објавени напоредно на македонски и француски, и македонско англиски јазик. Во 2018 година во Париз,Франција ми беше објавена книгата поезија „Мајчин јазик“ напоредно на француски и македонски јазик, книга која ја има во најзначајните билиотеки во светот.
Ж.З.