АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денес се навршуваат 19 години од загинувањето на осумте припадници на безбедносните сили во 2001 година на патот с. Селце – с.Вејце на падините на Шар Планина, меѓу кои беа и четворицата битолчани Марјан Божиновски, Кире Костадиновски, Бошко Најдовски и Илче Стојановски. Изразувајќи им почит, во нивни вечен помен, Сашо Гилевски учесник во конфликтот во 2001 година рече дека и после 19 години болката и тагата кон загинатите колеги е иста и не се заборава.
-Тагата е иста после толку години, а не се заборава ни моментот кога ги извлекувавме запалените тела на нашите колеги. Но со самото влегување во НАТО, Р.С.Македонија , македонските мајки нема да пуштат ниту една солза, безбедноста ќе биде на повисоко ниво. Но сакам да напоменам и во оваа прилика дека семејствата на загинатите се уште се необештетни , ние што останавме живи од конфликтот во 2001 година со по 1500 денови терен, се уште нема закон за тоа, и најверојатно за наредната година на 20 годишнината ќе бараме ревизија на цела 2001 година. Секоја да си го добие заслуженото, не сме против никој. И еднаш да се стави крај на сите конфликти во Р.С. Македонија, изјави бранителот Сашо Гилевски-Качо.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, присуствуваше во Битола на одбележувањето на годишницата оддавајќи почит на загинатите херои пред споменикот „Ангел“ како и пред спомен обележјето во дворот на СВР-Битола.
-Тука сме да им дадеме посхумно признание на хероите кои загинаа на 28 април во 2001 година кај Вејце. Ова е посебен ден кога сите ние припадници на МВР им оддаваме признание на нивното херојско дело кое што треба да биде патоказ по кое што сите ние припадници на МВР треба да се стремиме. Ова значи и континуирана поддршка на семејствата на бранителите која што ќе продолжи и во идниот период. Сакам да потенцирам дека, здруженијата на бранителите се значаен партнер на МВР, рече Наќев.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, денес положи свежо цвеќе пред споменикот „Анѓел“ во Градскиот парк и споменикот пред СВР Битола, подигнат во чест на загинатите бранители, кои своите животи ги вградија во темелите на нашата држава.
-Би сакала да упатам длабока почит, кон оние млади битолчани кои во 2001 година ги дадоа своите животи за нашата татковина. Секогаш со тага се присетуваме на сето тоа, но примерот на овие млади луѓе, нека ни покаже како треба да се однесуваме ние во денешницата. Токму затоа и денес во оваа сатница, почитувајќи ги сите мерки кои што ги презема Владата на Република Северна Македонија на држење на социјална дистанца, меѓутоа и да нема групно собирање, одлучив на ваков начин да го одбележам овој момент и уште еднаш да се присетиме за она што било вредност и навистина треба да го зачуваме и во иднина, порача градоначалничката на Општина Битола, Петровска.