АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Жителите од пограничните региони во Битолско од македонска страна и Леринско од грчка се во исчекување да се дигне рампата на граничниот премин Меџитлија-Ники. Границата, освен за товарни возила, затворена е од 14 март, без малку три месеци. Со тоа се прекинаа дел од трговските и пред сѐ социјалните врски што постоеја меѓу жителите од двете страни на границата. Пред опасноста од коронавирусот дневно овој граничен премин го минуваа стотици жители од околните погранични општини.
Трговците, пазарџиите, фризерите, козметичарите, забарите, угостителите, па и пумпаџиите чекаат што поскоро да им се вратат муштериите од другата страна на границата. Нема точна статистика, но се проценува дека дневно посебно во пазарни денови грчките државјани кои пазаруваа во Битола оставаа вкупно од илјада до две илјади евра. Без нивниот промет сега уште повеќе е погодена и онака кревката локална економија.
Една од најпогодените дејности е стоматологијата. Грчките посетители користеа и комплетни услуги во стоматолошките ординации за многу пониски цени отколку во нивната земја. Сега битолските заболекари велат дека тешко оптануваат без своите грчки пациенти.
„Некои колеги се ориентирани исклучиво со работа со Грците, така е во Битола, во Гевгелија. Тие се речиси комплетно без работа додека не се отври границата“, вели Гоце Бејковски, стоматолог од Битола..
Погодени се и казината, каде редовно навраќаа во вечерните часови. Но, купувачите од Грција ги бараат и трговците зашто доаѓаа на шопинг низ бутиците, а едно време беа редовни потрошувачи во спупермаркетите и залените пазари.
„Јас сум трговец поединец, со години сум во чаршијата, продавам чинии, кофи пластични, садови. Промет од луѓето од Грција правев. Осумдесет отсто со нив работев. Сега пред Дуовден ќе ја крена стоката од тезгата, ама ги нема. Короната поремети сѐ“, вели Коле Неделковски, дуќанџија.
Во исчекување се и тргоовците и угостителите и од грчка страна. Иако Македонците се со послаба куповна моќ, им беа редовни потрошувачи на гиро во Лерин, супермаркетите „Лидл“, во сабота одеа на редовна шопинг тура во Солуна, а на топлите бањи во Пожарско секој ден во зависност од сопствената агенда.
Да беше ситуацијата нормална, деновиве битолчани ќе ја отвореа туристичката сезона на Егејско море. Но, во вонредни услови, некои ќе бидат задоволни и да можат да претрчаат до Лерин и да си ја купат терапијата за железо и покачен крвен притисок, на која беа навикнати да ја земаат.
Грција најавува дека границата ќе ја отвори на 15 јуни, а за нашата земја нема уште прецизиран датум.