2win800x200

На Криволак започна уништувањето на гранатите пронајдени во Битола, лабараториски е потврдено дека детонацијата нема да го загади воздухот

Декември 15, 2020

Во пресрет на уништувањето на бомбите од Првата светска војна, пронајдени во Битола, кое започнува денеска на Криволак, Министерството за одбрана побара прелиминарна проценка на емисиите на суспендирани честички од детонирање на експлозии, од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот "Гоце Делчев" од Штип.

Анализата предводена од проф. д-р Дејан Мираковски, извршена според етаблирана и јасна методологија со користење на емисиони фактори, дефинирани исклучиво од меѓународно прифатени извори, покажа дека детонациите нема да предизвикаат промена во квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак.

На барање на ДЗС, Министерството за одбрана се согласи да асистира и пронајдените 12 700 парчиња бомби од Првата светска војна, да бидат уништени на полигонот Криволак. Уништувањето ќе се врши постапно во 4 термини овој месец (на 15, 18,22 и 23 декември) и уште неколку термини во јануари 2021 година.

Имајќи ја предвид дневната динамика на планот за постапно уништување на бомбите и количината која ќе се уништува во таканаречени фугаси (дупки за уништување на мините) анализата на лабораторијата при Универзитетот во Штип покажа дека емисијата на цврсти честички ќе биде помала од емисијата која се добива од согорување на 60 m3 дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на десетина домаќинства, и нема да има штетно влијание на пошироката околина на Полигонот.

Министерството за одбрана го објави заклучокот од анализата на Универзитетската лабораторија АМБИКОН:

„Количината на суспендирани цврсти честички која се ослободува при детонација на еден тон TNT, според базите на емисиони фактори дефинирани во збирката на Американската Агенција за заштита на животна средина, како и oд Прирачникот за процена на емисии при детонација на експлозиви ( Влада на Австралија), изнесува 93 kg.

Со планот е предвидено дневно да се иницираат (уништат) од 1900 до 2000 гранати, со експлозивно полнење од 0,5 kg или вкупно околу 1050 kg експлозив (заедно со иницијаторското полнење), што резултира со очекувана емисија на околу 98 kg суспендирани цврсти честички. За споредба, согорувањето на околу 10 m3 огревно дрво во класични ложишта, резултира со вкупна емисија на околу 100 kg суспендирани цврсти честички, што е количина на огревно дрво која се согорува на дневно ниво, во населба не поголема од стотина куќи кои се загреваат со овој енергенс.

Следствено, вкупната емисија на суспендирани цврсти честички од процесот на уништување на сите експлозивни средства во текот на наредните два месеци (околу 586 kg), е нешто помала од емисијата која се добива од согорување на 60 m3 дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на не повеќе од десетина домаќинства.

Од тука, а имајќи го во предвид временскиот распоред на активностите кои се изведуваат на растојание од неколку дена до неколку недели (во зависност од временските услови), како и локацијата на уништување која е значително оддалечена од населени места или јавни површини, слободно може да се констатира дека значителна промена на квалитетот на воздухот во пошироката околина на полигонот Криволак, а како резултат на планираните активности, не би требало да се очекува“, се наведува во заклучокот на АМБИКОН

 Министерството за одбрана при преземањето на сите активности на полигонот Криволак се води по строгите критериуми на Елаборатот за заштита на животната средина на Полигонот, и обрнува особено внимание тие да не наштетат на животната средина на околината, соопштија од Министерство за одбрана

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани