АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Саломон Шабатај Исак со сопругата, која била ќерка на Калдерон Јосиф и Алегра, венчани кон крајот на 1941 година, се само еден брачен пар од Битола кои немале можност за долго време да ја живеат брачната среќа поради Холокаусотот. Нивната свадбена фотографија направена од браќата Манаки, е само една од стотиците од нивниот опус изложени во Завод и музеј Битола, во рамки на изложбата „Сведоштво на битолските Евреи низ фотографското творештво на браќата Манаки“, како и дел од над 400 фотографии објавени во капиталната Монографија „Последниот албум –чувар на спомените на еврејската верска општина во Битола“ од македонски историчар проф д-р Александар Манојловски. Монографијата беше за првпат промовирана денес во Битола по повод 78 годишнината од депортацијата на битолските Евреи, а заедно со неа беше отворена и изложбата.
„Битола е градот кој бил вековно огниште на еврејската заедница. Изворните портрети и групни фотографии кои своевремено биле вредни за поединците, семејствата, пријателите, односно за еврејската верска заедница во Битола, денес се од непроценлива вредност, како за нас, така и за историјата на Македонија. Монографијата е плод на повеќегодишна истражувачка работа во повеќе институции во Архивот на Еврејскиот историски музеј во Белград, Архивот на Југославија во Белград, Државниот архив на Република Северна Македонија- одделение Битоал, Државен архив Софија, Универзитетските библиотеки во Скопје и Битола. Монографијата е поткрепена со архивска документација и научна литература, а се вршеше и идентификација и систематизација на фотографии. Секоја фотографија содржи име на личноста или личностите што се прикажуваат , местото, периодот и Архивот од каде е користена. Овие фотографии отвораат едно целосно ново поглавје за проучувањето на историјата на битолските Евреи и еврејската верска општина која денес повеќе не постои“, рече историчарот Манојловски.
Тој посочи дека повеќе од 20 години се нема појавено вакво дело, полно е со нови информации истражувани во архивите надвор и во Северна Македонија.
„Имаме 350 страници научен текст со над 400 фотографии, главно во кои фокусот е на семејствата кои се иселени пред 78 години од страна на германските сојузници, од страна на бугарската административна власт и се однесени во неповрат , во логорот Треблинка, од каде никој не се врати. Ме инспирираше недостигот на одредени моменти кои се поврзани со еврејската заедница, моја окупација во научната работа последните 10 години. Она што го видов како недистиг беше истражувања надвор во архивите во странство кои даваат сосема поинаква слика на случувањата и попрецизно ги обликуваат сите оние настави за време на окупацијата, депортацијата. Сакам историската виделина да излезе на површина и да биде достапна до јавноста“, рече Манојловски.
Ианку од Битола, на 11 март 1943 година биле депортирани 798 семејства со 3351 битолски Евреии.
„Тој ден било многу студено, врнело снег , а од 6 до 8 часот почнало насилното собирање на битолските Евреи. Првата група од нив во 8,10 часот пристигнала на железничката станица. Се треселе од студ и страв собраните деца, во очај биле мажите и жените. Овој историски и непоткуплив факт денес да се негира од бугарска страна заначи да се негира животот што згаснал “, рече модераторот на книгата, посателот Мишо Китановски.
Градоначлничката Наташа Петровска рече дека и научните трудови и спомените на битолчани за депортацијата на Евреите говорат за еден болен момент од битолската историја.
„Постојат два апсекта како можеме да се навраќаме на настаните од минатото, а се суштински за веродостојно сочувување на она што се случувало. Едниот начин е научно заснован, како што е денешната монографија и се потпира на документи, факти, кои ја кажуваат вистината. Другиот аспект се луѓето кои сведочат за она што се случувало. Ќе кажам еден сегмент од мојот живот кој потврдува дека ова во Битола оставило длабоки траги. Мојот свекор имал 9 години кога биле депортирани Евреите од Битола и седел на агол од една улица гледајќи како во таа колона од луѓе кои заминуваат се наоѓаат и неговите другарчиња. Солзите во неговите очи му кажувале дека навистина станува збор за серозно нешто поради кое нема повеќе да ги види своите другарчиња. Ваквите сведоштва и ваквите начини на чување на спомените порачуваат дека злото што некогш се случило никогаш повеќе да не се повтори“, рече Петровска.