АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дури седум храбри жени, комитки од Битолскиот Регион, се спомнати во книгата „Спомен и биографии на Илинденци“ од 1993 година како издание на Архивот на Битола и печатницата „Киро Дандаро“, а по избор, редакција и коментар на Александар Крставевски-Кошка. Книгата е дел од изложбата посветена на Илинден, а поставена во Универзитетската библиотека во Битола.
Дел од нив дале заклетви дека верно ќе ѝ служат на Организацијата пред војводите Дамјан Груев, Јордан Пиперката, Христо Узунов и други. Обавувале курирски задачи, везеле знамиња за револуционерната борба, ги лекувале ранетите комити, спасувале војводи, а некои дури помагале во подготовка и пренос на оружје.
Дамјанова Неделкова Параскева
Родена во 1880 година во Битола. Заклетва на верност на ВМРО положила пред основачот на Организацијата Дамјан Груев. Како негова лична пријатлка вршела курирски задачи. Често присуствувала на тајни состаноци на Окружниот комитет на ВМРО во Битола на кои присуствувале видни членови на Организацијата. За време на престојот на Гоце Делчев во Битола го водела во Битолскиот затвор за да го посети затвореникот Груев, а исто така Делчев бил на стан кај неа. Го негувала војводата Христо Узунов кога бил болен во Битола. Работела во Организацијата до прогласувањето на Хуриетот во 1908 година.
Иванова Глигорова Катерина
Родена во 1874 година во Битола. Во 1902 година зела заклетва на верност кон Организацијата пред војводата Христо Узунов. Во нејзината куќа се собирале и криеле многу познати раководители на Организацијата, меѓу кои и Павел Христов, Христо Узунов, Стојан Тоската и други. При една блокада од турската војска му дала женски алишта на Христо Узунов да се пресоблече како жена и така го спасила.
Кузманова Богоева Трајанка
Родена во селото Доленци-Демирхисарско во 1882 година. Се заколнала на верност кон ВМРО во 1902 година пред војводата Јордан Пиперката. Нејзиниот татко бил селски началник и имале напревено скривница надвор од селото во ридот кај црквата „Свети Атанас“ во која ги криеле комитите и оружјето. Таа носела оружје, храна, облека и доверлива пошта. Во 1903 година, за време на Илинденското востание ги прибирала ранетите комити и ги негувала во скривницата. Работела до Хуриетот во 1908 година
Петрова Николова Донка
Родена во 1887 година во Битола. Почнувајќи од 1903 година,а и следните години во нејзината куќа се собирале на состаноци и се криеле познати раководители на Организацијата како Димко Драгожанецот, Наум Буфчанецот, Димче Могилчето, Јован Пашата и други.
Стефанова Ефтомова Аспасија
Родена во 1882 година во Битола. Завршила американско училиште, по што била назначена за учителка во селото Банско во 1902 година. Лично се познавала со Гоце Делчев и Јане Сандански, а станал и член на ВМРО. Со две други учителки Елисавета Ушева и Марушка Тодева го навезале знамето на Организацијата со зборовите „слобода или смрт“. Учествувала како тумач при киднапирањето на познатата мисионерка Мис Стон.
Цингарова Наумова Марија
Родена во 1872 година во Битола. Заедно со својот споруг Наум и сестра ѝ Биљана зела заклетва во 1901 година пред Дамјан Груев. Вршела курирски работи и помагала во изготвувањето на бомби и фишеци и ги носела и предавала на гробарот Апче од гробиштата „Света Недела“ во Битола.
Чокрева Трпева Јордана
Родена во 1862 година во селото Буф-Леринско. Заедно со нејзиниот сопруг Трпе дале заклетва пред организаторот од нивниот крај Атанас Ферманов. Во нивната куќа се одржувале состаноци на членови од ВМРО. За време на Илинденското востание Јордана носела храна и оружје во Буфската Корија и селото Раково, каде имало стационирано востанички чети. Била фатена од турската војска и затворена во Леринскиот затвор се до 1904 година, кога со општата амнестија дадена од страна на турсите власти била ослободена.