АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Четиринаесет лица го загубија животот во пожар кој синоќа околу 21 часот ја зафати модуларната болница во Тетово. Од обвинителството наведуваат дека со ДНК анализи ќе се утврдува нивниот идентитет, но се истражува дали има и други жртви меѓу пациентите во тетовската модуларна болница кои се лекувале од ковид-19. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема здравствени работници, но има повредени
"Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал. До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан", се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје.
И од Министерството за здравство утрово потврдија дека во пожарот загинаа 14 пациенти, одввкупно 26 колку што се лекувале во Модуларната болница во Тетово.
"Министерството за здравство информира дека во вчерашната несреќа при пожар во Ковид центарот во Тетово загинаа вкупно 14 лица. Во Ковид центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди. Министерството за здравство изразува сочувство до семесјтвата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа", се наведува во соопштението од МЗ