2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

„Незаборав“ посветен на песните за Битола, емотивно издание кое ја гали душата на битолчани

Септември 10, 2021

Годинешниот 11 по ред „Незаборав“ на Панде Димитровски, иако, поради заштитните мерки од КОВИД-19,  авторот беше спречен да го реализира со присуство на публика и го има само на видеозапис, без дилема, ќе остане запаметен по бурните емоции што ги буди речиси 35 минутното издание. „Незаборав“ 2021  е посветен на песните кои се напишани и испеани за Битола. Вкупно содржи 25 песни, а од една до друга ќе ве води Силвана Петрова Насух, со исклучителна нарација. (Видеото можете да го погледнете погоре)

Покрај сите емотивни моменти во овој „Незаборав“ и песните за Битола, со кои битолчани се гордеат, со многу емоции Силвана Петрова Насух ја претставува и песната „Мераклиска“, на неодмна починатиот новинар и поет, Панде Манојлов, кој низ стиховите ја отсликува Битола, со сите обичаи, локации, традиции, личности, што оставиле печат врз градот, најопеан на светот. Манојлов ја напиша песната во април лани, неколку месеци пред неговата смрт и низ стиховите бара, познатиот битолски музичар Боцкин со виолина да му ги отвори портите од рајот. 

Свири ми, Боцкин,

на уво свири ми,

како билбил, море,

на Тумбе Кафе

в рани зори шо ми пее,

пет дупли Ганди

на тафта нека донеси,

на астал, пијан, море,

јас ќе си умрам,

како шо вели Миркецо,

шо од капка да умриш,

од литро ракија умри си

во таа “Корзо”, море,

на Широк Сокак, меана,

ќе си умрам, але,

млад и зелен неженет,

од љубов, море, голема,

на срце, Боцкин, ифтири.

Ја сакав, од срце,

жими мајка ја љубев

таа лична битолчанка

и сѐ ѝ таксав не излагав:

Ќе те носам, донке,

еврејско маало

кај чифутин сарафи,

во дуќано на Мушон,

златен прстен

за сто гроша да ти купам,

кај Јуца, ас терзија

кај Јоле, шнајдеро,

ќе те носам по мерка

срмен елек посребрен

на снага да ти шијат,

кај шапкарите, кај Кире

ќе те носам,

паларија од калап мерка

по мерка напраена

за пет лири да ти купам,

штикла чевли по мерка

Стив чевлар да ти напрај

со чивии заковани,

во Уредо, кај џино,

златно запче да ти клај,

та кога се смееш

усте, да ти свети

ако треба и бајсик пежо

ко на Саку ќе ту купам…

ќе те носам, моме ДОнке,

кај Манаки кадро

за спомен и сеќавање

долго да ти напрај,

за образ, тој, малцичка

ќе те фати и погали:

“Поткрени, гљата, але,

мушата фета,

така полична ќе бидиш

и пули тука во пилето!”

и на француски,

како на султанот решат

шо му рече и тебе

лична донке, ќе ти речи:

“Матмазел, момент!”

Во Офицерски,

на игранки ќе те носам,

моме Донке,

на биоскоп во “Трудбеник”

ќе те носам Тумбе Кафе

на ладна меана,

ладна бира ќе пиеме

оладена во камен мраз

од горно Ореоо донесен

во зелен папрат завиткан,

ќе те шетам со пајтон

Кисела Бода кај Крстор ,

на враќање кај Манако

на кафе локум ќе те носам

зборвам, лажам, корнам,

пена на усти

ко вода во Курдерес

во пролет надојдена,

а липите во Паркот цутат

мирис до Соколана шират!

Свири Боцкин,

свири тивко и во рајо

пред портите таму

ширум да ми ги отвориш!

ако треба,

жица нека пукни

на таа виолина

и Ева во рајот нека види!

Јас и опиен од убајна,

по битолски,

од срце љубов му нудев,

а таа како ангел да беше

ангелска песна,

тивко, на уво,

за разделба ми запеа сал:

”Нели ти реков

моме Донке

да не љубиш

битолски ергени…”

Свири, Боцкин, свири,

како шо свиреше во Атина

ако треба Калица,

нова песна ќе ни скрои,

вечер, пијан ќутук,

пак дома нека ме носат :

Донка сега,

во сандалија наша,

скопјанец си љуби!

Во видео материјалот опфатен е периодот со песни и пејачи од Битола, од „Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски до „Ако одам во Битола„ на Калица. Тука се и Благој Петров-Караѓуле, Блага Видец, Виолета Томовска, Јонче Христовски, дуетот Куцулова-Андреевски, ансамбл „Боцкин“, Добри Ставревски, Пепи Бафтировски, Гоце Николовски и др.

Автор на проектот е Панде Димитровски, а сценарист и наратор Силвана Петрова Насух, режисер Миле Грозадновски, а видео материјалот е подготевен од „Креатив“ - продукција Битола

Како и сите досегашни, така и овој Неазборав, е финансиски поддржан од Општина Битола.

За потестување, претходните изданија беа посветени на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски-Буба Мара, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, Битолски Конзули, Битолчани на Валандово и Драган Каранфиловски-Бојс.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани