АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Кривата кула во Пиза, Ајфеловата кула во Париз, Колосеумот од Рим и многу други макети кои ги претставуваа перпознатливите обележја на Европа денес „никнаа“ на ученичките штандови на плоштадот Магнолија во Битола. Единаесет основни училишта преку штандови ги претставија архитектонските убавини и други обележја, како и националните кујни на Италија, Франција, Малта, Кипар и Латвија. Учениците од училиштата кои имаа задача да ја претстават Франција, се маскираа како Наполеон Бонапарта, француските мускетари и кралеви. На овој симболичен начин, Битола го прослави Денот на Европа, 9 мај, кога пред 68 години францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман го даде својот предлог за создавање на организирана Европа.
На манифестацијата учествуваа и дечиња од битолските градинки, хорот „Ѕвончиња“ како и други танцувачки и музички групи.
„Денес го славиме Денот на победата на доброто над злото и го пренесуваме и продолжуваме заветот- злото никогаш да не се повтори. Денес го славиме 9 мај , Денот на Европа, ден кој нѐ обединува во различностите и нѐ потсетува дека постојано треба да бидеме предадени на идејата за обединување, мир и сигурност и дека треба постојано да бидеме предадени на она вистинско збогатување со култура и јазици на различните народи. Нашиот град се приклучува кон прославите од цела Европа. Основците од нашите училишта и најмалите од градинките со својот ентузијазам ја носат Битола во Европа, и Европа во Битола. Битола е Франција, Италија, Латвија, Кипар, Малта, Битола е Европа“, рече заменик градоначалничката Емилија Костурски.
Прославата ја организираа Општина Битола, ЕУ инфо точката и Делегација на ЕУ.