АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Финансиска поддршка од државата за исплата на долговите во училиштата и изградба на стадионот „Под Тумбе кафе“ вети премиерот Зоран Заев при денешната посета на Општина Битола. Долгот на битолското образование што го наследи новата локална власт е над 4 милиони евра, а Заев најави дека за подмирување на обврските ќе се искористат средства од Европската банка за обнова и развој.
„Ги констатиравме огромните долгови во училиштата и како тоа да го решиме, да го олабавиме зашто се работи за нашите деца. Навистина огромните долгови прават притисок брз квалитетното извршување на услугите. Дел од пакетот за финансиските средства кој Владата го преговара со Европска банка за обнова и развој и другите финансиски институции ќе биде за да ги исплатиме овие долгови и да ја разлабавиме општина Битола“, рече Заев.
За плаќање на обврските околу изградба на стардионот што започна да го гради претходната локална власт на крајот на третиот мандат, а понатамошните обврски паднаа на товар на новата локална самоуправа, ќе се користат кредитни линии со мали камати.
„Разговаравме и за огромните финансиски импликации со почетокот на избрзаната одлука за стадионот. Стадионот треба и тој е многу важен , овие стадиони се од национален интерес. Дефинитивно државата ќе мора да помогне оти вкупна вредност е преку 5, 5 милиони евра. Тоа се огромни пари, па прашањето е како другите обврски ќе се сервисираат во општината, како ќе се градат улиците, тротоарите? Генералниот концепт е преку кредитните линии да овозможиме на некои 10 до 15 години исплата со каматни стапки од 2 до 3 проценти наместо 13 проценти “, рече Заев.
Тој додаде дека државата ќе исфинансира голем дел од проектите за канализации, водоводи, детските градинки, училиштата, а општините во следните десет-петнаесет години ќе помогнат за враќање на овие кредити. На овој начин, рече, дека Општината ќе добие ветер во грб за да може понатаму уште поквалитетно да ги извршува своите обврски. Додаде дека ќе се обидат да ги исправат општините на сигурни нозе помагајќи им да ги подмират долговите.
За изгорениот планинарски дом Копанки рече дека дал напатствие да се седне со планинарското друштво „Пелистер“ и да се реши сопственоста, за понатаму да можат да се набават пари за реконструкција зашто секој кој дава пари за обнова сака да знае дека објектот останува на битолчани, на општината или на државата.
„Суштината е што никој не дава ни донации, ни инвестиции кога знае дека тоа не е јавно добро, односно на државата или на општината. Сопственост е на планинарско друштво. Јас дадов напатствие да се седне со планинарското друштво, да се реши сопственоста затоа што правно-формално треба да се издаде одобрени и да ги обезбедиме парите. А има интерес и за донирање и за помагање оти тоа е богатство на Република Македонија, на битолчани. Јас верувам дека интересот и на планинарското друштво е тој, само преку разговор ќе може да се најде начинот да дадат донаторите, а даваат само кога знаат дека нешто останува на битолчани, државата, на општината “, рече Заев.
Тој додаде дека е задоволен од работата на градоначалничката Петровска и нејзиниот тим зашто сериозни, чесно, без популизам преземаат мерки за подобар живот на граѓаните во Битола.
„Ја имаме потребата од поддршка на централната власт што Битола ја заслужува. Добивме позитивни одговори дека Битола нема да биде заборавена и запоставена како што била во изминатиот период“, рече Петровска.