АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По долго време, комплетно е реновирана внтрешноста на познатата битолска Горна гимназија. Реконструктивните активности кои во изминатиот период беа извршени во гимназијата „Јосип Броз- Тито“ битно ги променија условите за учење и работа во училиштето, во смисла на нивно подобрување и осовременување.
„Со реконструкцијата се изврши замена на дотреаените дрвени прозорци, со нови исто така дрвени прозорци, со што се зачува автентичноста на објектот кој претставува културно наследство, но самите прозорци се изработени по стандарди кои обезбедуваат топлинска и звучна изолација, што претставуваше проблем претходно. Обновена е електричната инсталација, па сега наместо три паралелни, има една која е функционална и безбедна за работа. Целокупното осветлување е заменето со економично лед осветлување, со што во иднина ќе се намали потрошувачката на електрична енергија. Поставен е нов малтер во целиот објект, а санирани и обновени се подовите во сите простории, училници и административни простории“, рече за Апла.мк директорката Фани Наумовска.
Во историјата заминаа четвороседните клупи кои беа препознатлив белег на Гимназијата, но сепак не беа многу удобни. Набавен е мебел, нови клупи и столчиња за сите училници со исклучок на оние три, за кои претходно беа обезбедени преку донации. Кабинетот по информатика е опремен со нови компјутери, кои ќе го олеснат наставниот процес по овој предмет. Сите наставници добија преносни компјутери (лаптопи) за да можат да се подготват и успешно да се вклучат во процесите на дигитализација на образованието. Набавени се и нови нагледни средства за сите активи. Претходно, училиштето веќе имаше набавено телевизори за сите училници.
„Сметаме дека со овие зафати создадовме една попријатна средина за учење и работа на сегашните и идни генерации. Вложувањата треба да продолжат и во иднина, во континуитет, доколку сакаме да бидеме во чекор со современите процеси на образование“, рече Наумовска.
Со 12,5 милиони денари обезбедени од буџетот на Општина Битола кога градоначалник беше Наташа Петровска, комплетно е реновирана внатрешноста на уличиштето.
„Имено, од буџетот на Општина Битола, претходната власт раководена од градоначалничката Наташа Петровска, која добро ги познаваше состојбите во образованието и имаше слух за потребите на училиштата, во СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ вложи околу 12,5 милиони денари, вложување колкаво што не е направено со децении во училиштето. Овие средства се искористени за реконструктивните зафати, но и за опремување на училиштето со потребните нагледни средства и опрема за работа“, рече Наумовска.
Училиштето деновиве се очекува да добие дозвола за работа од наделжните институции, по што наставта ќе продолжи со физичко присиство.
Објектот е стар 140 години, а со образована традиција цели 130 години. Темелите на средношколскиот образовен систем на мајчин јазик биле удрени во ова училиште, на 6 февруари 1945, кога се одржал првиот наставен час на македонски јазик во средно училиште во земјава.
Гимназијата е училиште со долга традиција, синоним за кавалитетно образование, добитник на бројни награди, признанија, одликувања. Од неа излегле дури 18 академици, 6 градоначалници, 3 ректори и конзули. Од изминатите генерации денес има успешни инженери, лекари, професори, писатели, уметници, научници… Меѓу нив се Михаил Петрушевски, Коле Чашуле, Петре Андреевски, Ѓорѓи Филиповски, Владо Камбовски, Ѓорѓи Чупона, Анте Поповски.
Традицијата на успешност Гимназијата ја негува и денес. При сите рангирања што ги врши Државниот испитен центар, училиштето беше на прво или второ место, од вкупно 95 средни училишта. Ученици од Гимназијата учествуваат на општински, регионални, државни натпревари, каде постигнуваат големи успеси по разчични наставни предмети