Шести февруари 1945 година е првиот учебен ден на македонски јазик што се одржал во битолската Гимназија, и тоа е првото средно училиште во тогаш ослободената Република каде почна да се одржува настава на македонски јазик.
Ова е училиште од чиишто клупи излегоа мноштво борци и ги положија сопствените животи за слободата, а ние горди на нив, и денес со пиетет ги спомнуваме. Македонскиот јазик е наша единствена определба, патоказ за нашето себепрепознавање вчера, денес и утре, потврдува и сегашната генерација наставници и ученици во средното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола.
Во предвечерието на 6 февруари 1945 година, во старата зграда на Гимназијата, во горниот дел на градот (ден-денес нашироко позната како Горната гимназија), по ослободувањето и со одлука на Поверенството за просвета, објектот го напуштаат партизани учесници во народноослободителната војна, и се создаваат услови за реализација на гимназиско образование на мајчин, македонски јазик.
На 1 јануари 1945 година бил одржан првиот наставнички совет со кој претседавал тогашниот директор Орде Печијаре, а откако учесниците, наставниците зеле заклетва за верна служба донеле одлука Гимназијата да биде отворена на 5 февруари, а следниот ден, на 6 февруари да почне редовна настава на македонски јазик.
Според зачувана документација во Гимназијата, пред директорот Орде Печијаре, сите наставници дале заклетва за верност во службата, а во согласност со писмото на поверенството, се одлучиле Гимназијата да се вика „Гоце Делчев“. За паралелките, вкупно 13 со 572 ученици, било одлучено да бидат мешани, односно заедно да учат женски и машки ученици.
На свеченото отворање прв зборувал првиот директор на Гимназијата, Орде Печијаре
Тој објавил: Гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз! Потоа претставници на партизанските одреди и народната власт зборуваа за значењето, задачите и улогата на Гимназијата во ослободената татковина. На големиот, историски настан во Битола, првпат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонски народни песни, ги растреперија срцата на присутните. Првата учебна година заврши на 20 јуни 1945 година..
Гимназиско образование во објект со темели од 1892 година
Преземено од МИА