АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Очекуваме најбрзо што е можно да отпочне рехабилитација на постоечкиот пат од Битола до Меџитлија, а кон крајот на јули или почетокот на август ќе заврши и проектирањето на обиколница со експресен пат од Битола за грчка граница, најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски во Битола.
„Во Пелагонискиот Регион силна градежна офанзива. Во моментов се гради дел од Фариш до Дреново во завршна фаза е патот. Завршен е патот од Битола преку Тополчани до Прилеп, реконструирани се 16 километри. Патот од Битола за Демир Хисар голем дел е завршен, ќе продолжат следните 20 километри да бидат завршени во следниот период. Ќе отпочне рехабилитација на патот од Битола до Меџитлија постоечкиот, очекуваме тоа најбрзо да се случи и до крајот на летото да заврши проектирирањето на експресниот пат Битола- Меџилија за понатаму да се рапишат тендери“, рече Сугарески.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и директорите на ЈКП „Водовод“ и КЈП „Нискоградба“ Горан Козаров и Методи Сиљановски, извршија увид во градежните изведби на улицата „Илинденска“ во Битола. Оваа улица, која претставува една од сообраќајните крвотоци во градот, комплетно се реновира со средства и од централната и од локалната власт.
Градоначалничката Петровска потенцираше дека домаќинското работење доаѓа до израз најмногу во кризни ситуации, како што е сегашната, кога општината, покрај средства за тековните решавања на проблемите, има обезбедено буџетски средства и за инфраструктурни зафати, што е случај со улицата „Илинденска“.
„Поддршката на градежните работи воедно значи и поддршка на економијата. Во секакви околности, животот мора да тече и да се држи витализацијата, од аспект на сите општествени сегменти, кои што се како сврзани садови. Оваа сообраќајница е во должина од 2131 метар и се изведува во делови. Вкупната инвестиција од околу 1 милион евра е поддржана со 530.000 евра општински средства, со тоа што ЈКП „Водовод“ ги изведува водоводните приклучоци во висина од 3,6 милиони денари, КЈП „Нискоградба“ ги изведува канализационите приклучоци во вредност од 6,9 милиони денари, додека коловозот е во висина од 22 милиони денари. Ова е почеток на сериозни градежни активности во Општина Битола и за сите нив постојат обезбедени финансиски средства“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Министерството за транспорт и врски за реконструкција на мешовитата канализациона мрежа и за реконструкција на водоводната и хидрантска мрежа на ул. „Илинденска“, одвои над 25 милиони денари, или околу 415.000 евра.
„Денес со градоначалничката извршивме увид не само на оваа улица, туку и на улиците кои што ќе започнат наскоро да се работат, а тоа се „Партизанска“ и „АСНОМ“. За неполн месец треба да распишеме тендер преку ова министерство за делот Буковски гробишта во однос на сливните води. Повеќе од милион евра од министерството се обезбедени за правење локални патишта улици, така што очекувам во периодот кој што претстои, да имаме активна градежна сезона“, рече министерот Горан Сугарески.
Сугарески посочи дека на територијата на Општина Битола, веќе се работи на заштитниот ѕид на обиколницата, паралелно се очекува од наредниот месец да се распишат тендери за реконструкција на преостанатите дел од патот Битола-Демир Хисар, како и патот од Битола до Меџитлија. И покрај кризата со КОВИД-19, динамиката на капиталните, како и на локалните проекти продолжува, а буџетот наменет за нивна изведба е сигурен и стабилен.
Во изминатите 15 години шајка не беше удрена во овој регион, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, а сега се рехабилитираат најзначајните патни правци во Битолскиот Регион. Сугарески заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалничката Наташа Петровска направија увид врз асфалтирањето на патот од Битола за Демир –Хисар.