АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во последните три недели се забележува стабилизирање на бројот на заболени лица од ковид-19, а во последната недела значително намалување од 31 процент, пишува во Извештајот на Институтот за јавно здравје за период од 4 до 10 април годинава. Тестирани се вкупно 14.434 материјали со намалување од 3 проценти во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.106 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, со намалување од 31отсто. Процентот на позитивност просечно изнесува 7,3%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Битола, Демир Капија и Ресен. Во Битола денес новозаболени 23. Од појавата на пандемијата до денес 15027 позитивни случаи, од кои активни 153.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени над 60 години, а најмал број деца до 9 години Во однос на претходната недела, се регистрира намалување кај сите возрасни групи особени кај лицата од 50-59 години. .
Во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 1.530 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 10,6% помалку во споредба со минатата недела. Пријавени се 175 реинфекции, со намалување од 36,1% и 10 смртни случаи во 4 градови за 23,1% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (6). И натаму присутни се BA.1 и BA.2 сублиниите на Омикрон.
Заклучно со 10.04.2022, пријавени се вкупно 307.817 случаи со коронавирус. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци, а највисок морбидитет во Кавадарци и Скопје. Највисок морталитет во Прилеп, Кавадарци и Охрид, а леталитет во Струга и Крива Паланка .
Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 28 градови, со најголемо намалување во Дојран, Кратово, Демир Хисар, Богданци и Македонски Брод. Зголемување се забележува во Крушево, Пробиштип, Делчево, Свети Николе, Демир Капија, Битола и Ресен, додека состојбата останува непроменета во Македонска Каменица.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 63 лица (11,3% помалку во споредба со претходна недела), од нив 25 се на кислородна поддршка (7,4% помалку), нема пријавено лица на механичка вентилација, а претходна недела беа пријавени пет.
Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата, Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 2, со соодветни капацитети за одговор.