2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Младиот битолски адвокат Горан Дамевски, планинар и еден од најголемите ентузијасти за обнова на планинарскиот дом „Копанки“, е годинешниот среќник кој го најде парето во мазникот што го вртеа членовите од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ од Битола. Околу педесетина планинари денес во помошните простории на Копанки вртеа сукан мазник со паричка за среќа во пресрет на православниот празник Василица. Ова е традиција која битолските планинари ја практикуваат околу 80 години, мазникот со паре наместо по градските кафеани да го свртат на планина.

Не стивнуваат реакциите и обвинувањата меѓу Општината и ПСК „Пелистер“ за обнова на планинарскиот дом „Копанки“. На денешната седница на Совет, градоначалничката Наташа Петровска, рече дека домот треба да биде направен од битолчани за битолчани, а не за да завршуваат парите во приватни џебови. Од ПСК „Пелистер“ ден претходно испратија отворено писмо до неа обвинувајќи ја дека не ги слушала нивните аргументи за законската можност Општината да помогне во обновата на домот иако е приватен имот, поточно во нивна сопственост.

Несогласувањата настанаа пред неколку месеци кога од Општината изјавија дека имаат пари да го обноват домот, но ќе треба да им се префрли сопственоста зашто државни пари не можат да се користат за обнова на приватен имот, а од ПСК „Пелистер“ почнаа сами да го градат одбивајќи да се откажат од сопственоста.

„Во една прилика кога зборувавме како да го направиве објектот, а да не изгледа како користење на државни средства во нешто што е приватна сопственост, на едем мој пријател му реков: ‘Ќе излезам на медиум и ќе кажам ајде сите ние битолчани да станеме членови на ПСК Пелистер и сите да го изградиме, така ќе биде на сите битолчани’. Пријателот ме посоветува: ‘Не му го кажувај ова на никој друг додека не го кажеш на медиум’. По ова, дознав дека на 5 мај 2018 година е сменет Статутот на ПСК ‘Пелистер’ каде се дадени услови кој би можел да биде член на едно здружение планинарско кое се залага за развој на планинарството“, рече Петровска.

Таа го обвини претседателот на ПСК „Пелистер“, Диме Попов( кој пред две мандата беше советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ) дека со сегашните активности ги штител политиките на ВМРО-ДПМНЕ зашто сите досегашни нејзини предлози без размислување ги отфрлале.

„Стојам позади тоа дека Диме Попов ги штити политиките на ДПМНЕ и дека не станува збор за тоа дали ние го сакаме Копанки или не, туку станува збор за сосема друг интерес. Беа повикани, им беше кажано предадете ја сопственоста, Општината ќе го обнови, а вам со одлука на Совет ќе ви даде на одреден број години да го управувате. Предлогот без ден –два за размислување, беше категорично одбиен. За мене тие не се луѓе кои искрено им значи дали Копанки ќе биде возобновен“, рече Петровска.

Вчера ПСК „Пелистер“ испрати отворено писмо до Петровска во кое велат дека законска можност постои Општината да даде пари за обнова иако е приватен, а тие ќе понудат 10.000 ноќевања за деца кои на Копанки ќе одржуваат настава во природа, ќе дишат чист воздух, ќе ја засакаат планината. Но, велат дека Петровска одбила. Попов го бранат дека е човек со интегритет и борец за правда.

„Лично го споменувате претседателот на ПСК „Пелистер“, човек со интегритет, кој се одважи да се бори за правда и му се спротивстави на вашиот претходник, кој на сличен начин како и вие сакаше барем во прво време планинарскиот дом „Копанки“ да биде сопственост на општината, а потоа... Споменувате години, да, во 2015 се изврши легализација, во 2016 имавме средба со вас и со носителот на изборната листа од вашата партија на која беше договорено да се помогне после изборите. Во 2017 чекавме помош, а во 2018 година се одлучивме да започнеме сами“, стои во писмото.

Потоа од градоначалничката побараа да ги покани лично, не преку посредници, па ќе се обидат да го надминиат измислениот проблем, ама во меѓувреме и да градат, за што им била потребна жичарата.

Планинарскиот дом Копанки изгоре пред пет години, а претходните власти не го обновија иако имаше такви ветувања. Сегашните имаат пари и волја, но проблем настана околу сопственоста. 

Продолжува работната акција насловена како „Сите за Копанки, Копанки за сите“ со цел обнова на планинарскиот дом што изгоре пред пет години. Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ кој ја отпочна иницијативата за работните акции на својата фејсбук страница објави и жиро сметка на која сите заинтересирани можат да донираат средства и така да ја помогнат обновата на домот. Работната акција продолжи и викендов, а дел од градежните материјали се транспортираа со помош на жичницата на ски патеката „Копанки“. Работните акции ќе продолжат во текот на целата градежна сезона. 

Советот на Општина Битола денес донесе заклучок за изнаоѓање на решение за санација на опожарениот дом „Копанки“. Според заклучокот, Советот се обврзува дека ќе обезбеди 100 000 евра за обнова на домот. Воедно беше упатен и повик до Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ да продолжи со разговори со градоначалничката на Битола за градење на взаемно прифатливи услови за изградба на домот во интерес на општо добро. Понатаму, беше истакнато дека Општината во овој момент нема законски основ за вложување зашто стопроцентен сопственик на домот е Планинарското друштво.

Како што некогаш битолчани доброволно го градеа планинарскиот дом Копанки, така викендов планинарите од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ и други граѓани доброволно се зафатија со расчистување на опожарениот дом. Во доброволната работна акција се изведуваат припремни земјeни работи со цел санација на домот кој изгоре пред пет години. Планинарите и доброволците го чистат домот од разрушени градежни материјали и вегетацијата со која беше обраснат. Акцијата го носи името „Сите за Копанки, Копанки за сите“.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани