2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Вакцините против ковид не го десеткуваат имунитетот и не предизвикуваат СИДА

Февруари 26, 2022

Вакцините против ковид-19 не го намалуваат или десеткуваат имунитетот на вакцинираните, како што се тврди во објавата, ниту пак, предизвикуваат синдром на стекната имунодефициенција (ВАИДС) – таканаречена нова состојба којашто антиваксерите ја споредуваат со СИДА. Во реалноста, не постои такво нешто како ВАИДС, а истражувањата покажуваат дека достапните вакцини против ковид-19 им обезбедуваат на примателите зголемена заштита од коронавирусот

Рецензираме пост на Фејсбук кој шири информации дека луѓето вакцинирани против ковид-19 развиваат синдром на стекната имунодефициенција (ВАИДС) или нова СИДА. Ова не е точно. ВАИДС не е вистинска состојба, ниту пак вакцините против ковид-19 предизвикуваат синдром што одговара на овој опис.

НА СИТЕ ДВОЈНО/ТРОЈНО ВАК*ЦИНИРАНИ ВО СВЕТОТ, ИМУНОЛОШКИОТ СИСТЕМ Е ДЕСЕТКУВАН

Податоците ширум светот сугерираат дека целосно вак*цинирани Американци, Австралијци, Британци, Канаѓани и Германци развиваат СИНДРОМ НА СТЕКНАТА ИМУНОДЕФИЦИЕНЦИЈА

или НОВА СИДА! Официјалните владини податоци од целиот свет сега сугерираат дека сите двојно и тројно вакцинирани луѓе развиваат некоја нова форма на синдром на стекната имунодефициенција предизвикана од вак*цината Ковид-19, при што податоците од Австралија, САД, Канада, Шкотска и Англија јасно покажуваат дека  способноста на имунолошкиот систем на вак*цинираните популации е десеткуван во споредба со невак*цинираната популација, се вели во постот што го анализираме.

Лекари и антиваксери кои се познати по тоа што постојано шират дезинформации во врска со пандемијата и вакцините против ковид-19, во последно време ја дезинформираат јавноста со лажни тврдења дека вакцините предизвикуваат нова медицинска состојба наречена синдром на стекната имунодефициенција (ВАИДС). Оваа таканаречена нова состојба, антиваксерите ја споредуваат со СИДА-та, но предивикана од вакцините против ковид.

Во реалноста, не постои такво нешто како ВАИДС, а истражувањата покажуваат дека достапните вакцини против ковид-19 им обезбедуваат на примателите зголемена заштита од коронавирусот, пишува сервисот за проверка на факти на Асошиејтед прес (АП).

СИДА-та е генерализиран компромис на целото тело на специфична подгрупа на имунолошки клетки (најчесто ЦД4+ лимфоцити) предизвикани конкретно од инфекција со вирусот ХИВ-1. Нема пандан на СИДА-от предизвикан од вакцина“, вели за АП д-р Грант Мекфаден, директор на Биодизајн Центарот за имунотерапија, вакцини и вирусотерапија на државниот универзитет во Аризона.

Со оглед на тоа што милијарди луѓе ширум светот веќе се вакцинирани против ковид-19, Мекфаден изјавила „да постоеше такво нешто како  ВАИДС, досега ќе го откриевме“.

Пребарувањето во легитимната биомедицинска литература не пронаоѓа термин „вакцинален имунодефицитарен синдром” каков што се споменува во постот што го рецензираме.

Портпаролот на британската агенција за јавно здравје за Политифакт го демантираше тврдењето дека вакцините го намалуваат имунитетот кај луѓето и дека тие добиваат СИДА.

Лекарот Питер Нордсторм од одделот за општествена медицина во Шведска, тврди дека е дезинформација оти вакцината против ковид-19 значително го ослабува имунитетот кај која било возрасна група.

Исто така, лажно е кој било да тврди дека вакцинацијата резултира во ерозија на имунитетот или стекната имунодефициенција, ако воопшто нешто такво и постои, вели Питер Нордсторм.

Пабло Пеналоза МакМастер, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот Нортвестерн се согласува со ова.

Вакцините против ковид-19 не предизвикуваат имуносупресија. Ова е дезинформација слична на тоа дека земјата е рамна плоча. Овие вакцини веќе се администрирани на милиони луѓе во светот и податоците покажуваат дека се екстремно ефективни и безбедни дури и кај луѓе со претходни состојби на ослабен имунолошки систем, вели професорот Пабло Пеналоза МакМастер.

Истражувањето од Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) покажува дека вакцините против ковид-19 го засилуваат имуниот одговор. мРНК вакцините работат на тој начин што го тренираат имунолошкиот систем да го препознае спајк протеинот на површината на вирусот што предизвикува ковид-19, овозможувајќи му да генерира имунолошки одговор, велат експертите.

Нашиот имунолошкиот систем е толку сеопфатен што без проблем може да се бори на повеќе фронтови, дури и веднаш по вакцинацијата, објаснува имунологот Кристине Фалк.

Во нашето тело имаме армија на Т-клетки и Б-клетки, од кои еве да речеме десетина се борат со спајк протеинот, но останатиот дел е подготвен да се справи со било која друга ‘закана’ што доаѓа, објаснува Фалк.

Тоа значи дека воопшто не треба да размислувате дали имате помала имунолошка заштита по вакцинацијата, категорична е таа.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме е невистинит. Вакцините против ковид-19 не го намалуваат или десеткуваат имунитетот на вакцинираните, како што се тврди во објавата, ниту пак, предизвикуваат СИДА.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани