АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Тениското игралиште кое е во склоп на објектите Друштвото за гимнастички спортови Партизан – Битола е во крајно очајна состојба. Сликите кои денеска ги направи апла.мк јасно ја одразуваат негрижата, нечистотијата и воопшто хаосот во кое се наоѓа овој терен сместен во најубавата рекреативна зона на Градското шеталиште во Битола. Безмалку дваесет години со просторот стопанисува Џокер Турист увоз – извоз ДООЕЛ Битола.
Битолчани кои ги затекнавме при денешната прошетка во паркот реагираат со револт што спортското тениско игралиште е сосема запуштено, обраснато со треви, искршена трибина и инвенар, а во крајно лоша состојба се и други објекти, поранешниот кафе-бар „Зодијак“, спортското игралиште за мали спортови, паркингот...
-Ова место некогаш беше влез во најубавиот дел од детскиот парк сега и самите гледате на што личи. Срам за Битола. Тениското игралиште е сосема запустено, односно се е оставено на забот на времето. Каква е оваа слика за градот, ни се пожалија минувачите.
Од Општина Битола велат дека од нивна страна покрената е судска постапка за враќање на просторот во владение на градот.
-Поради непочитување на договорните одредби и одредбите од Законот за облигациони односи, Општина Битола започна постапка за раскинување на договорите за која се чека судска одлука, потврдуваат од Општина Битола на прашањето на апла.мк.
Од општината уште објаснуваат дека „Врз основа на Договор за закуп на спортски објект, склучен помеѓу закуподавецот ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Македонија и закупецот Џокер Турист увоз извоз ДООЕЛ Битола, склучен на 20.06.2005, ДГС Партизан - Битола е даден под закуп. На 19.09.2012, согласно одлука од Влада и одлука донесена од Советот на Општина Битола, општината и Џокер Турист увоз – извоз ДООЕЛ Битола склучија Договор за преземање на права и обврски, велат од Општина Битола за апла.мк.
Апла.мк денеска и покрај обидите не успеа да контактира со закупецот на просторот и да ја чуе и неговата страна за моменталната состојба во кое се наоѓаат на тениското игралиште и комплексот.
Тука во крајно лоша состојба е и поранешниот паркинг пред ДГС Партизан кој истотака е запоседнат со реквизити за забава од актуелниот корисник на објектите, како и полигонот за мали спортови.
Што се однесува до некогаш популарниот кафе-бар „Зодијак“ и целиот комплекс, има неразјаснети односи со првиот управувач на комплексот и сегашниот закупец . За „Зодијак“со години се води постапка на суд.