2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Ковид пандемијата не е лажен проект на Светска банка предвиден до 2025 година

Август 08, 2021

Постот шири невистини дека има лажна пандемија од ковид-19 и дека таа е проект за којшто Светската банка, наводно, ,,пресметала да заврши во 2025 година”. Исто така, дезинформација е дека Светската Банка „до 2025 година планира да ги избоцка сите по секоја цена“, со оглед на тоа што вакцинацијата е доброволна, а во програмата за стратешка подготвеност и одговор на ковид-19, којашто е јавно достапна, не се споменува вакцинацијата како нешто што ќе биде планирано на глобално ниво како задолжително. Во секој случај, повеќето земји во светот, апелираат на вакцинација за да се создаде колективен имунитет, односно да се спречи преносот на коронавирусот од еден на друг човек

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека  се случува некаква:

Биолошка, терористичка операција како глобален проект преку лажна пандемиска корона која ќе доведе до тоталитаристичка, комунистичка колективна фарма на луѓе, говеда.

Светската болница (банка) го пресметала проектот со завршување во март 2025 година. До тоа време тие планираат да ги избоцкаат сите, по секоја цена, се вели во постот.

Како илустрација во објавата е дадена фотографија на која се гледа сет на податоци извадени од веб-страницата на Светска Банка, со број на програма Р173789 и име ,,Програма за стратешка подготвеност и одговор на ковид 19″ (Covid 19 Strategic Preparedness and response program).

Наспроти дезинформацијата изнесена во постот, дека оваа програма на Светската Банка има каква било  врска со вакцинацијата (како што се сугерира во објавата – „до 2025 година тие планираат да ги избоцкаат сите по секоја цена“), кога ќе се погледне содржината на програмата, се доаѓа до неспорниот заклучок дека во оваа програма нема ниту еден збор за присилна вакцинација.

Напротив, станува збор за глобален подвиг, односно програма која има за цел да го сумира начинот на кој на земјите во светот ќе им биде достапна финансиска помош за справување со различните предизвици од ковид пандемијата. Во моментот кога програмата е подготвена, вакцината воопшто не беше создадена. Во самиот извештај, кој е јавно достапен во документот ,,Стратешка подготвеност и програма за одговор на ковид 19″ (на страница 13), пишува дека еден од критичните начини да се одговори на пандемијата е:

Да се подобри медицинската нега и превенцијата на ковид-19. Вакцината е барем една година оддалечена и нејзиниот успех е неизвесен. Третманите коишто се ветувачки треба да се евалуираат ригорозно. Здравствените установи може да се подготват за најлошите сценарија со тренинг, опрема и детални планови за акција за наплив на пациенти кои бараат нега.

Цел на програмата

На стр.17, пак, пишува дека клучната цел на Програмата е да превенира, детектира и да одговори на опасностите од ковид-19 и да ги зајакне националните системи за одговор. За таа цел се работи со СЗО, УНИЦЕФ и други организации, со цел да се придонесе за глобално координирани напори во критичните области за да се мониторира импактот од пандемијата, социјалните и економските последици. Исто така, Светската банка преку проектот цели кон мултилатерални механизми за финансирање на глобални јавни добра, како, на пример, истражувања и развој на вакцини, дијагностика и терапии. Банката е во дискусија со Коалицијата за иновации и подготвеност за време на пандемии, СЗО, Светскиот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и Глобалната алијанса за вакцинација – ГАВИ.

Целите на Програмата се да превенираат, детектираат и да одговорат на опасностите од ковид-19 и да ги зајакнат националните системи за подготвеност на јавното здравство. На 3 март 2020 бордот на извршни директори ја поддржа Светската банка да преземе итни акции за да ги поддржи напорите на своите земји членки за одговор на ковид-19 пандемијата. Така, бордот одобри 12 милијарди долари за да се адресираат последиците од пандемијата.

Погрешна интерпретација

Овие и уште многу други детали може да се прочитаат во обемниот документ, кој во постот што го рецензираме е погрешно интерпретиран, односно манипулира дека поради тоа што постојат глобални, светски напори за координирано меѓудржавно справување со ковид пандемијата, се работи за некаков светски заговор. Ова финансирање на зајакнувањето на здравствените капацитети и самиот глобален одговор на економските последици од пандемијата не значи дека Светска банка ја планирала пандемијата до 2025 година, како што се тврди во постот, туку дека до 2025 се отворени нејзините механизми за поддршка. Проекцијата не значи дека пандемијата ќе трае баш до 2025 година, туку дека само оваа програма е планирана за дотогаш. Самата програма опишува програмска рамка за одговор на глобалната пандемија со коронавирусот и користи програмски пристап во повеќе фази. Самата програма е наменета да се обезбедат адекватни ресурси за да се спонзорира брз одговор на кризата ковид-19.

Првата фаза на финансирањето се состои од кредити и позајмици за Еквадор, Аргентина, Демократска република Кнго, Етиопија, Гана, Хаити, Индија, Кенија, Малдиви, Пакистан, Парагвај, Сенегал, Шри Ланка, Јемен, Таџикистан и други земји.

Поради сета горенаведена аргументација оценуваме дека е невистина изнесеното во постот, дека коронавирусот е лажна пандемија и дека таа е проект за којшто Светската банка, наводно, „пресметала да заврши во 2025 година“. Исто така, дезинформација е дека Светска банка „до 2025 година планира да ги избоцка сите по секоја цена“, со оглед на тоа што вакцинацијата е доброволна, а во програмата за стратешка подготвеност и одговор на ковид-19, којашто може да ја погледнете на следниот линк во целост, не се споменува вакцинацијата како нешто кое ќе биде планирано на глобално ниво како задолжително. Во секој случај, повеќето земји во светот апелираат на вакцинација за да се создаде колективен имунитет, односно да се спречи преносот на коронавирусот од еден на друг човек.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани