2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Не е точно дека сите вакцинирани се инфицирале од вакцините против ковид

Август 31, 2021

Преку вакцината не може да се заразите со ковид. Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот ковид-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со ковид-19. Не е точно она што се тврди во постот дека вакцинираните го шират вирусот врз невакцинираните. Вистината е дека и вакцинираните и невакцинираните можат да ја шират делта варијантата подеднакво, но вакцината штити од тежок исход и хоспитализација како и од смртност кај оние што ќе ја примат

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се изнесени невистинити информации. Во постот се вели:

Прашање до експертите за вакцините против ковид. Како ние невакцинираните да се заштитиме да не се заразиме од вакцинираните? Знаеме дека сите вакцинирани се инфицирани од вакцините или од некој во нивната околина!

Прво, не е точно дека сите вакцинирани се заразени со ковид. Главно невакцинираните се заразени со ковид. Второ, дури и тие вакцинирани граѓани кои имаат коронавирус, не го добиле од вакцините. Преку вакцините не може да се заразите со ковид. Трето, оние вакцинирани кои се заразени со ковид, точно е дека го добиле од некој од нивната околина (трансмисијата на делта варијантата е побрза, односно таа е поинфективна за 70 проценти, а едно инфицирано лице може да го пренесе вирусот на 7 други), меѓутоа тоа што некој до вас е вакциниран, не значи дека токму тој ќе ве зарази. Заштитата на невакцинираните од коронавирусот е иста и кога се во контакт со вакциниран и во контакт со невакциниран.

Преку вакцината не може да се заразите со ковид. Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот ковид-19. Нема да предизвика позитивен тест со кој се тестира активна инфекција со ковид-19. Некои луѓе, кои примиле вакцина, пријавиле лесни до умерени несакани ефекти, вклучувајќи болка на местото на инјектирање, замор, главоболка и болка во мускулите. Не секој добива несакани ефекти. Но, ако добие, тие се нормални и знак дека вашето тело ја гради својата одбрана од вирусот.

Министерството за здравство за „Вистиномер“ ја сподели двонеделната анализа на вакцинирани од позитивни случаи со ковид-19. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од втората доза. Од 6 август до 19 август, на територијата на државата 9.881 граѓанин е позитивен на ковид.

Од нив само 15 проценти биле целосно вакцинирани односно 1.507 лица. Голем број на невакцинирани граѓани се заразиле со ковид. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91 процент, а само 9 проценти од 724 хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. За две недели починале 101 лице, а од нив 92 пациенти не биле вакцинирани. Според анализите починатите имале повеќе хронични заболувања, велат од МЗ за „Вистиномер“.

Од ова произлегува дека најголем дел од новозаразените не биле вакцинирани, а само 15 проценти последниве две недели биле вакцинирани. Оттаму, не е точно она што се тврди во постот, дека сите што се заразени со ковид го добиле од вакцината. Точно е дека го добиле од некој во нивната близина, меѓутоа, истото е случај и за невакцинираните!

Доктор Кардона од Кливленд клиниката вели дека и вакцинираните може да го шират вирусот, но во помал обем. Таа додава дека ова може да биде случај за оние што немаат добар имун одговор на вакцините.

Повозрасните, тие со хронични болести може да немаат најдобар заштитен одговор на вакцините. Уште ги споредуваме податоците и ги поврзуваме точките, за тоа каков е одговорот кај овие ранливи групи, објаснува експертот.

Тогаш зошто целосно вакцинираните се заразуваат?

Затоа што дури 2 недели по примањето на фајзеровата вакцина се создава имунитетот. Ако некој се тестира позитивен на ковид или се разболи неколку дена по првата доза, тоа значи дека се инфицирале со вирусот неколку дена пред вакцината!

Вакцинираните луѓе може да ја шират делта варијантата според Центарот за контрола и превенција на болести на САД.

Како што објави Си Ен Ен, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, има објавено нова студија, која покажува исти количини на вирус и кај вакцинираните и кај невакцинираните.

Од 469 граѓани на Масачусетс, кои се инфицирале во јули, 346 биле цеосно вакцинирани. Нивното количество вирус било исто како и кај невакцинираните. Количеството вирус е пресудно кога вирусот се прнесува од еден на друг човек. Но, според оваа студија, не произлегува дека вакцинираните може да ги инфицираат луѓето повеќе од невакцинираните, туку дека и едните и другите треба да носат маска на затворено! Таква е и препораката на Центарот за контрола и превенција на болести на САД.

Експертите велат дека вакцинацијата прави да е поневеројатно да се заразите со ковид, но тие што ќе се заразат, а имаат 2 дози вакцина може да имаат иста тенденција да го шират вирусот како и невакцинираните.

Поради сите овие факти, оценуваме дека не е вистина дека вакцинираните кои се заразиле го добиле вирусот од вакцина. Исто така, дезинформација е дека вакцинираните го шират вирусот на невакцинираните. Вистината е дека и вакцинираните и невакцинираните може да ја шират делта варијантата подеднакво, а вакцината штити од тежок исход и хоспитализација, како и од смртност кај оние што ќе ја примат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани