2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Британските лекари не добиваат 12.58 по вакцина, туку парите се за ординацијата

Септември 18, 2021

Невистинито е тврдењето во постот дека лекарите во Велика Британија ќе добијат пари по администрирана доза на вакцина. Овие пари се за да се спроведе процесот, да се обучат лекарите и да функционираат приватните амбуланти, како што било случај и со вакцината против грип. Британскиот модел на финансирање на амбулантите функционира како мал бизнис, каде што за секоја дополнителна програма потребни се медицински средства, кадар и простор за да се спроведе вакцинацијата, а овие пари, односно фондови, не одат во џебот на лекарот, туку во самата ординација. Но, најголемата невистина е дека овие пари се за да се мотивираат здравствените работници да вакцинираат деца. Овој финансиски надомест е воведен на почетокот на вакцинацијата во Британија, кога воопшто не беше на повидок дека вакцината на „Фајзер“ ќе се администрира на деца

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека во Велика Британија се прави притисок да се вакцинираат деца на возраст од 12 до 16 години, а причината за тоа, според авторката на постот, е наводниот финансиски надомест којшто го добивале лекарите по администрирана доза.

Комитетот за безбедност на вакцини реши сепак децата да не ја примат, но владата си тера по свое и реши да не ги слуша научниците. Колку за информација таму докторите ќе добиваат 12.58 фунти по вакцина. Значи денес ако вакцинираат 100 деца тоа се 1258 фунти. Се се врти околу парите. Да ти се згади од однесувањето на одредени здравствени работници, пишува во постот.

Прво, делумно неточно е дека Комитетот за безбедност на вакцини решил децата да не ја примат вакцината против ковид. Според информацијата објавена на „Ројтерс“, Комитетот за вакцинација на Британија препорачува вакцинација на деца од 12 до 15 години, ама само на тие кои имаат коморбидитети. За децата кои се комплетно здрави, а се на истата возраст, било кажано дека по апликација на вакцината на „Фајзер“, која е единствената одобрена за деца поради завршени клинички студии, се случувало да има ретки случаи на миокардитис и дека е потребно да се види како на подолг рок тоа би ги имплицирало децата. Но, за имунокомпромитираните деца се препорачува вакцината и во Британија и во други европски земји, како и во САД и во Израел.

Што се однесува, пак, до плаќањето на лекарите кои ја администрираат вакцината и тоа 12,58 фунти по доза, оваа информација не е точна. Прво, не е вистина дека финансискиот надомест е за лекарите. Второ, не е точно дека финансискиот надомест е воведен за тие да се мотивираат финансиски и да вакцинираат повеќе деца. Зошто? Затоа што овој финансиски надомест беше најавен во ноември 2020 година, кога немаше вакцинирање на деца, а вакциналниот процес за возрасната популација беше на самиот старт.

За каков финансиски надомест се работи?

Станува збор за паричен надомест којшто треба да осигура дека општите лекари можат на пациентите да им понудат услуга – вакцинација против ковид. Лекарските ординации во Британија оперираат како мали бизниси и овој надомест е достапен за да се обезбеди дека може да им ја понудат услугата на своите пациенти.

На крајот на 2020 година, NHS (National Health Service) и Британската медицинска асоцијација постигнаа договор, според кој амбулантите добиваат 12.58 фунти по ковид вакцинација. Многу британски амбуланти се мали бизниси кои имаат договор со National Health Service (NHS). Тие генерално функционираат со партнерство каде двајца или повеќе доктори работат како бизнис партнери, според независната здравствена организација „The kings fund“.

Финансиските средства коишто амбулантите ги добиваат од NHS се за да се финансираат основни здравствени услуги. Сумата се пресметува според бројот на пациенти кои ги има амбулантата и нивните здравствени потреби.

Но, вакцинацијата се смета за „понапредна услуга“ и се плаќа дополнително на амбулантата.

Значи, парите се за амбулантата, а не за индивидуални доктори.

Еден од првите текстови на оваа тема од ноември 2020 година, објаснува дека овие амбуланти се платени 10 фунти за да администрираат вакцина против грип. Оваа сума за ковид вакцината е зголемена за 25 проценти затоа што лекарите мора дополнително да се тренираат, да се набљудува пациентот пост вакцинално и други дополнителни услуги.

Британската медицинска асоцијација на 3 декември 2020 година објави упатство, одговарајќи на прашања, како на пример: „Како можеме да го менаџираме ова без значајни фондови за дополнителен кадар?“ и „Дали можеме да го направиме ова со предложената сума на финансирање?“….

Поради горенаведените факти како невистина го оценуваме изнесеното тврдење дека лекарите ќе добијат пари по администрирана доза. Овие пари се за да може да се спроведе процесот, да се обучат лекарите и да функционираат приватните амбуланти, како што било случај и со вакцината против грип. Британскиот модел на финансирање на амбулантите не е ист како македонскиот и функционира како мал бизнис, каде што за секоја дополнителна програма, потребни се медицински средства, кадар и простор за да се спроведе вакцинацијата, а овие пари односно фондови, се токму за да ги покријат тие трошоци и не одат во џебот на лекарот туку во самата ординација. Но, најголемата невистина е дека овие пари се за да се мотивираат здравствените работници да вакцинираат деца, од причина што овој финансиски надомест е воведен на почетокот на вакцинацијата во Британија, кога воопшто не беше на повидок дека вакцината на „Фајзер“ ќе се администрира на деца. Во поглед на надоместокот, за амбулантата сосема е сеедно дали ќе вакцинира дете или возрасен.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани