2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Преку амнезија до амнестија

Мај 01, 2022

Пишува: Александар Литовски

 
Заради глобалните идеолошки трендови и изменетиот геостратегиски атлас, доминантна идеолошко-политичка парадигма стана неолибералниот капитализам, кој, пак, на полето на историографијата и историското паметење ги фаворизира антикомунизмот и националистички фикции со носталгија за „големи држави“. Така, кај нас, впрочем како и во сите постсоцијалистички земји, „политиката на производство на сеќавања за славното минато“ и политиката на создавање суров националшовинизам, станаа омилени полиња за работа на десните, демокристијанските и профашистичките општествено-политички сили. Левицата, пак, целосно идејно се загуби во просторот и времето... Затоа нижеше и ножи - порази.
 
Новата македонска економска елита имаше и има потреба од свој историски наратив, па нејзината пропагандно-политичка машинерија и со неа поврзаните научни и културни „индустрии“, започнаа да произведуваат колективни сеќавања кои се темелат врз десничарските, врховистички и балистички, антикомунистички традиции. Практичната операција, навидум, беше и е едноставна: од едната страна, се одбираат полувистини и селективни факти од реалното десничарско и фашистичко историско минато и сето тоа, заедно со радикалниот национализам, се  глорифицира, а од друга страна се измислуваат огромни количини на факти за оцрнување на социјалистичкото и антифашистичкото минато, со употреба на масивна антикомунистичка реторика со која се демонизираат носителите на левичарските, а во македонскиот случај, и македонистичките општествени процеси. 
 
Тоа се процеси кои треба да доведат до колективен заборав македонски, за злото антимакедонско кое пред повеќе од половина век се тркалаше низ Татковината и се закануваше да однесе во неврат сè што имаше македонска национална свест и се бореше за македонски национални и социјални права. Граѓаните македонски преку тие анационални процеси треба да го заборават злосторничкото време кога светот се тресеше од темели, Европа беше покорена, а Адолф Хитлер ликуваше во Прага во годината 1939, во Париз во 1940 и пред Москва во 1941. Треба да игносцираат дека Царот Борис Сакскобурски и бугарските владеачи, како и албанските балисти, експанзионистички се осојузуваа со силниците на денот, со мисла дека ќе ја добијат Македонија на тацна и вечно ќе ја владеат. И, како што непорекливо сведочи Историјата, како верни фашистички слуги и џандари, привремено, ја добиваат можност да окупираат делови од Македонија. Македонците треба да заборават дека додека некои под знамињата со кукасти крстови слават, обединување на бугарското и албанското племе, многумина слободољупци кои не сакаа да живеат под жезолот на Борис Обединителот, затоа што ниту се чувствуваа Бугари, ниту беа фашисти, заминаа в планина, со оружје в рака да се борат за својата слобода. Дека тие патриоти македонски токму заради тоа беа прогласени за „бандити“, а главите им беа уценети и беа гонети како диви ѕверки, дека беа затварани во кафези, најѕверски измачувани и безмилосно убивани. Со таквата амнезија македонска, некои денес, осумдесеттина години подоцна, сакаат да стигнат до амнестија на фашизмот и антимакедонизмот. И до нов процес на денационализација и асимилација на Македонците.
 
Тоа се антицивилизациски процеси кои треба доведат до општ заборав македонски дека во тоа време кога Јупитер беше намуртен, во тоа бугарофашистичко и балистичко време на лудило и смрт, имаше некои македонските заљубеници во белини, кои по жега и пороен дожд, по мраз и снег, низ магли и меќави, под константна опаснаст од физички иследувања и смртни осуди, под опасност од канонадата од куршуми, од Мегленско до Кумановско и од Преспа до Меглен и Беласица, започнаа, во тие моменти, една нерамноправна и, навидум, неперспективна националноослободителна борба. Тоа се процеси за да си го заборавиме сопственото херојско време во кое некои наши млади „утописти“ испитуваа колку далеку е македонската Слобода и дали таа може да се дофати? И покажаа, за жал на денешните балисти и врховисти, дека со доволно верба и упорност, таквиот „неверојатен“ потфат може да биде успешен.
 
Наспроти тој слободољубив лет кон ѕвездите, денес, во една крајно антимакедонска атмосфера, во време кога од своите дупки како стаорци исползија сите бугаро-врховистички и албано-балистички следбеници, па почнаа да квичат на јавна сцена, некои од нашите инфантилни политичари, заради ситното политиканство и плитка желба за власт, започнаа да ги релативизираат фашизмот и антимакедонството. И да ги продолжуваат преговорите, би рекол, за одмакедончување на Македонија. Крајно време е луѓето од оваа наша прекрасна Македонија да сфатат дека хипомнезијата е храна на несреќата и заради тоа треба да ги отфрлат сите оние кои сакаат да ги претворат во безлични зомбија кои немаат никаква меморија за себе и своите. А, во секој случај, обидите за идентитетски инжинеринг преку „процеси“ на бришење на македонистичката и антифашистичката меморија, сè додека постои нешто што може да се нарече македонска национална свест, ќе останат запишани како една жална и срамна страница од нашата национална опстојба.
 
 
 
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   
 
 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани