АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Александар Литовски
Човечката цивилизација, се чини, стигнала до таков криминален степен, што, со жалење и резигнација, може да се констатира дека место слобода на човечкиот дух, завладеала слобода нa глупоста, алчноста и злобата. Светот е претворен во царството на гладната омниворна глутница човекојадци. Во него „нормално“ може да егзистираат само шпионите, генералите, тајкуните, скитниците, пијаниците, наркоманите, проститутките и разбојниците. Веќе никој од нашево поколение на политичари и општественици, не работи светот да го направи подобар и поубав. Човек може само да жали што напразно се потрошиле некои доблесни жени и мажи во минатото, кои херојски се бореле и се труделе за обезбедување на слобода за човечкиот дух и разум, и за претворање на светот во праведно и убаво место за живеење.
Чиста политичка демагогија се денешните декламации дека се гради слободен, праведен и свет достоен за чесен животот. Всушност, денес светот е претворен во една ганстерска цивилизација, која нема никаква хумана цел. Светот претставува поле за борба на илузии за доминација, глобална, локална или персонална. Место хуманизам, денешниве газди на светот култивираа крвожеден театар на гладијаторство, место разумност и морална исправност, насекаде изотворија велетрговии со гревот и месото човечко. И тој разврат го продаваат за скапи пари, а политичарите во нивна служба се обични извршители и насилници, кои ги држат неуките маси во покорност и ја обезбедуваат репродукцијата на капиталот на олигарсите. Доживеавме плебсот да мисли оти експлоатацијата е нормална, дека не постои ништо друго освен „леб и игри“, дека хедонизмот е единствен критериум за „вреден“ човечки живот, дека парите можат да купат ум, здравје и љубов... И така, поројот лудило, неморал и секакво зло ни ги донесе и ќе ни ги носи војните на капиталистичката олигархија. Војни кои го туркаат светот во страдања и беда, а во иднина ќе го повлечат во бездна од која нема враќање.
Мрачнозагатнатите фикции на олигарсите и генералите, ги владеат духовите и сè е налуничаво околу луѓето: лудилото на војната и сите други многубројни видови лудила го владеат светот. Целосно фарсично, но реално, обичните глупави и лицемерни политички проститутки од таканаречените „граѓански“ и „демократски“ партии, се претворени во мраморни институции на системот капиталистички, а врз нив се темели „гордата“ зграда на цивилизацијата. Господата интелектуалци кои 'рчеа и брмчеа во корист на војната кога требаше јасно да се зборува против неа, тие пци на олигархијата, денес фарисејски лајат против војната, но повторно, како верни пци во корист на своите господари со приватни боинзи. Скакулците на духот, жабите на логиката, мравките на глупоста, сипаниците, чумите, поплавите, земјотресите... и денес го уништуваат човекот, исто онака како што го уништувале во праисториско време, и сите тие потреси ни за влакно не ја промениле денешната ропска логиката човекова, та затоа човештвото останува немо стадо кое оди во воената кланица за зголмување на профитот на богаташите и кралевите.
Вистината ги губи војните, а партиите и парите на олигархијата ги добиваат. Војната ги погодува добрите секогаш повеќе отколку злите. Денес безмилосни воени Epинии се ослободиле од подземјето и лутаат низ Европа и светот, та злото стекна масовни и кобни размери. Светот денешен во војна, всушност, живее живот на болежлив, нервозен старец со камења во жолчката, проблеми со варењето, остеропороза, канцер, со асматичното дишење, забоболки, несоници и разни неврастии, а неолибералната интелектуална и политичка елита дементно ги повторува историските грешки, па монотоно, до здодевност, декламира цели серии неверојатни лаги и фрази: дека ги брани вредностите на „демократијата“, дека е чесна, дека е хумана, дека ќе ја добие и актуелната историска битка... Иако на сите им е јасно дека тоа се само лаги и фрази, кои се токму целосно спротивни од реалноста, во која сè е нож и омраза, колеж, палеж и заемно истребување во име на власта и богатствата на олигархијата. За жал, слободно може да се заклучи дека светилката на демократската, праведната и хуманата концепција на животот ја згаснаа кираџиските профити на примитивните и алчни трговци, банкари и тајкуни, но и крвавите надници на нивнте верни слуги - граѓански политичари и малограѓански интелектуалци.