АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: проф. д-р Александар Литовски
Заедно со пропаста државно-правниот модел на социјализмот, настапи и распрскување на илузиите за хуманизмот на овие наши балкански простори. Во ова наше пчошко време, се врати фашизмот, спакуван како неолиберализам и популизам. Новиот светски поредок нарекуван глобализам, го обнови танцот на фашистичките сеништа, а на овие наши балкански простори ги исфаворизира луѓето кои за да постигнат успех и профит беа подготвени на физичко и духовно уништување на Другиот. За овие капиталистички предатори, сите средства за постигнување на нивнитете цели беа и се дозволени. Оттука, сведоци сме дека аксиолошки престижни се војните, грабежите, рушењата, подметнувањата пожарите, силувањата, убиствата, јавните лаги и прикриените измами. Во овој агресивен налет на десничарскиот фашизам, сведочиме на лудо поигрување со сите поими на паметта и човековото достоинство, а сите нè носи апокалиптичната поплава на суровата капиталистичка стварност. Стварност која, всушност, е пострашна отколку што била страшна тиранијата на некои дамнешни најапсолутистички монархии, на кои сега, во општото неолиберално лудило, мелодраматски им се припишува „шарм“, „убавина“ и „добрина“.
Едукативната, воспитната и културната компонента во рамки на општествениот живот која функционираше во социјализмот, веќе не функционира. Исчезна, како утринска роса. И таму, во тоа исчезнување, е содржано скоро целото објаснување за безумието на нашата епоха и за тоа дека е можно дури и високо образовани и крајно интелигентни луѓе, во своите јавни и политички ангажмани, да се однесуваат на многу нехуман, ирационален и неразбирлив начин. Во овој контекст, балканската политичка сцена е илустрација за победата на мракот и инстинктот внатре во човекот. Пример за триумф на грамадната човечка алчност, за триумф на неговата првобитна суровост и сировост над неговата хумана еволуција, над неговото образование, знаење и разум. Пример за тоа дека е можна колективната хистерија која неизбежно ги уништува сите човечки и цивилизациски достигнувања кои, до вчера, се сметаа дека се неотповиклив и недопирлив дел од јавното, културното и политичкото живеење. Значи, се покажа дека идејата и праксата на социјализмот во овој регион биле само заблудата на Добриот дух, кој сакаше да верува во своите праведни и човечни соништа, но кои беа целосно несоодветни на времето и просторот и беа брутално и неповратно уништени од силата на профитот и барутот. На местото на тие хумани соништа, денес е огромна празнина. Бездна создадена од десничарскиот фашизоиден ревизионизам, од повеќедецениската безмилосна и безсовесна акумулација на капиталот и од враќањето на средновековните религиски догми и суеверија.
Живееме, без никакво сомнение, во неолиберална бесперспективна бездна од која, се почесто се слуша, како ехо од некои мрачни времиња, декламирањето: heil Hitler, heil mein Führer и sieg heil. Бездна, во која убаво живее џганот фашистички. Убави времиња дојдоа за онаа десничарско лумпенпролетерска багра искомплексирани анонимци од интернет медиумите и форумите, за оние психопатолошки случаи кои мајките не ги носеле на раце, па сега мразат сè што е убаво, човечно, љубовно и питомо. Да, убави времиња пристигнаа за оние кретеноидни набилдани насилници, кои кога биле мали само кучињата сакале да играат со нив и тоа ако имале кучешка храна низ џебовите. Убави времиња се денешните дни за сите оние кои се „решителни“ и „храбри“ тепачи на жени, деца, старци и немоќни. Оние кои се спремни да газат и преку лешеви, за да остварат било каква, па дури и најминимална, лична добивка.
Убави се времињата за ненаситните банкари, трговци и фабриканти, кои можат безмилосно, легално и легитимно, да го „дерат“ работникот и да остваруваат баснословни профити. Убави времиња и за оние фрустирани, дебели и импотентни, политички идиоти и ситни буржуи кои го мразат сопствениот одраз во огледало, а кој не можат да го променат, па се несреќни и се „празнат“ врз туѓата среќа со тоа што ја уништуваат. Убави времиња се овие транзициски години за оние кои се талогот и ѓубрето на човечкиот род, за оние наши внуци и правнуци на фашизоидните врховисти и антикомунисти, за оние морално изопачени накази во црни мантии кои грмат од олтарите за чесност и патриотизам, а уживаат во „смртните гревови“ на прејадувањето, пијанчењето и сексуалните сладострастија и бизарности.
Убави времиња се кај нас за бедната клерофашистичка солдатеска, поправо збирштина составена од празноглави верници, тајкуни и радикализирани припадници на „патриотските“ здруженија, на кои им недостига кислород во мозокот, па се претворени во бесни националшовинистички кучиња и идеолошки „џандари“ за неистомислениците. Убави се времињата за сите наши обожаватели на античкиот Александар и Александров, Михајлов и Татарчев, цар Фердинанд и цар Борис, Мусолини и Хитлер, за оние газди на телевизии, весници и портали, и за нивните нашмркани „просветители“ кои шират „алуминиумски“ теории на заговор и сејат омраза и реваншизам, а жнејат гнев, насилство и големи бројки на гледаност и читаност.
За сите светски злосторници од Петтата Авенија и Вол Стрит, за сите лицемерни богомолци и религиозни фундаменталисти, за сите балкански неофашисти, политички проститутки и буржоаски предатори, за сите наши националшовинистички, македонски и албански, гробари на нормална Македонија, ова се прекрасни времиња. Никогаш не им било подобро. Во нормалните времиња сите овие нелуѓе и неофашисти би се броеле на прстите од една рака и, или би биле сместене во лудница, или би биле радикална, екстремистичка и ненормална десница, но, кај нас и околу нас, денес се општествена елита и, најчесто, - власт!
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)