АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
пишува: проф. д-р Александар Литовски
Достоинството на еден поединец или народ не е од оние вредности што можат да се платат. Со него не може да се тргува, на еден или друг начин, како што си мислат неолибералните праматари. Достоинството не може да се компензира со некаква друга вредност. Оти, достоинството не се создава за ден-два, туку за неговата изградба постојано се работи. Или се води борба. Впрочем, познато е дека за националното и државното достоинство се бореле и жртвувале генерации и генерации во една недогледна низа од години.
За виталноста и достоинството на македонскиот народ најубедливо зборува неговата повеќеслојна историја, зборуваат борбите кои што ги водеше за својот национален опстанок и афирмација во исклучително неповолни услови, но со долготрајна беспримерна решителност и бестрашност, зборуваат неговите творечки апогеи, зборуваат од него создадените општоцивилизациски материјални и духовни богатства, зборуваат слободољубието и независниот дух, што го држеле самосвесен, државотворен и живототворен низ многу искушенија и опасности.
Само да се потсетиме дека во не така дамнешно време, во четириесеттите години на минатиот век, носен со својата достоинствена свест, македонскиот народ ја презре и отфрли антинационалната бесмисла, што некои приврзаници на Ванчета и Бориса, ја викаа „ослободување и обединување“, а фактички беше само грд антимакедонски сон, составен од разни форми на тиранија, војна, денационализација и асимилација. Наспроти тоа, нашите борци-антифашисти, носени од мисли од повисок ред, од мисли кои го оправдуваат човековото достоинствено постоење под ѕвездите, од мисли за непобитната македонска национална автохтоност и самобитност, се запатија кон она што секој нормален народ сака да биде - слободен народ составен од слободни и национално свесни луѓе, кои тоа непречено и неприсилено го декларираат и афирмираат. Неслучајно, при самото формирање на македонската држава, знаејќи ја вредноста на националното достоинство, овие наши државотворци го формираа судот за македонската национална чест.
Има денес околу нас многу луѓе кои се со испран мозок од модерниот неолиберализам, па не ја знаат потребата и вредноста на националното достоинство. Тоа се луѓе кои го негираат и потценуваат македонското национално достоинство. Всушност, нивните зборови и нивните дела покажуваат дека се само ситни продадени души со безнадежно затапена совест и искривена свест. Но, уште полошо, имаше и има луѓе, Македонки и Македонци, со поматена национална свест од странските пропаганди. Тие нациодегенерици, што во блиското минато, бесрамно проповедаа национално самоодродување и величеа како македонски борци, ликови од минатото кои работеле, недвојбено, за туѓи национални каузи и кои убиле повеќе македонски дејци отколку вистинските окупатори, триесеттина години наназад се топорат за некакви големи и важни општествено-политички фактори. Дури, некои од нив, ги востоличувале во земјата македонска за премиери и министри. За жал. Овие национални конвертити им изградија и споменици на некои антимакедонски џелати и слуги на соседските царски дворци. Да, дефинитивно, лошо се глумеше патриотизам во оваа наша македонска транзициска штала. Сите рамнотежи беа нарушени, историската вистина беше масакрирана, сè се лизгаше накриво, анационалната дислогија царуваше низ македонските медиуми и политички кулоари, а агентите на странските тајни служби се кочопереа нагиздени со панделки и со ленти во време на своите „успешни“ политички кариери.
Во овој наш бродолом на разумот и националното достоинство, да се спасува своето човечко и национално достоинство, беше можно само со спротиставување на одродениците. И со почитување на вистинската македонска националноослободителна борба, која, пред сè, ја водеа македонските партизански борци. Но, добро е да се знае и помни дека борбата за опстанок на чистата македонска национална свест и националното достоинство, се водеше во време кога неолибералните медиумски инквизитори, туѓонационалните пропагандисти и домашната мафија се трудеа сите да нè избербатат во нивната антимакедонска и антицивилизациска кочина преполна со масовна корупција, грамадни кражби на општите добра, историски антимакедонски ревизионизам и агресивен национален нихилизам.
Нужно е да го застанеме овој вертикален пад на македонизмот, на антинационалните ревизионистички историографски мистификации, на рушењето на сите национални достоинства и вредности, да го сопреме оној пад кој ни се случува не само заради изразениот социјален дарвинизам, туку и заради повампирувањето на антимакедонските пропаганди. Затоа, час поскоро, мора да започнеме со засилено негување и почитување на македонското национално достоинство. Потребно е да го поразиме националниот дефетизам. Мораме да ја прегрнеме како дневна парола Мисирковата „безаветна и безгранична љубов кон Македонија“. За да нè има.