2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Војната и црните екрани

Ноември 20, 2022

Пишува: проф. д-р Александар Литовски

 

Светот е преоптоварен од премногу груби, со нечовечни нешта, а човештвото го задушуваат безброј неолиберални предрасуди и догми, политичка и културна тиранијата на евроатлантизмот и празнозборието од ордите пропагандисти на капиталот и профитот. Трабантите на правоверниот неолиберализам, ги има толку многу и толку се осилиле, што неконтролирано рикаат, како бесни пци, кон секој кој ќе изусти збор критика за големите господари на светот од „интернационалата на капиталот“ (Pierre Dockès). Тие се онаа антихуманистичка струја што го преплавила денешниов свет и тие денес ја туркаат милитаристичката политиката, која како надојдена вода од цунами, се заканува да удави и поништи сè што се вика хуманизам и цивилизација.

Дивизиони од неолиберални идеолози и неофашистички пропагандисти, денес, самодопадливо и невоздржано, насекаде низ светот, ги проповедаат своите глупави мисли и зборови, толку неинтелигентно и досадно што веќе и за идиоти станало тоа неподносливо. Неолибералните „вистини“ го покренале целото милитантно надземје и подземје, за да ги дотолчат сите идеи кои се различни, човекољубни, справедливи, социјалистички... Сè што се зборува во облик на неолиберални проповеди, денес, не е друго туку одбрана на манијата за крадење и богатење, или обично ласкање усогласено со интересите на Вујко Сем и неговите сателити. И, малку интелектуална суета и неука персонална фантастика, секако.

Пишувајќи за нашите непринципиелни неолиберали, човек мошне често може да ги загуби нервите и самиот да стане, против сопственото добро воспитување, вербално суров, оти и спрема него се безобѕирни и безобразни, често мошне жестоки и редовно неправедни. Неофашистичката пропаганда ги подбуцнува непросветените маси против сите што не сакаат да изразат целосна согласност и покорност кон неолиберализмот и англосаксонскиот елитизам. Атмосферата на линч, кон секој оној што сака да праша зошто дементни старци имаат пристап до црвените нуклеарни копчиња со кои сето човештво може да го испрат во адските длабочини, или да прашаат зошто некои телевизиски екрани се црни и кој тоа, со какво морално право, го прави тоа информативно затемнување што предизвикува мозочно закржлавување, произлегува токму од таквата десничарско неолиберална матрица на резонирање и практично владеење.

Ваквата атмосфера на страв, сè повеќе, наликува на онаа атмосфера која по македонските градови и села ја беа прошириле приврзаниците на Адолф и Бенито, како и „администраторите“ курдисани од крунисаниот Борис. Колку што е можно тоа, колку што беше зависно од нивната субјективна волја, многу луѓе настојувале во тие години на Војна да останат неутрални, да не се занимаваат со „политика“, да не се спротистават на фашизмот и окупацијата, туку и натаму да се занимаваат само „со својата работа“. Тој „концепт“ на личен изолационизам го сметаа за единствен вистинит и правилен во тие жални и крвави моменти од историјата на оваа наша македонска земја и овој наш свет. Докажувале тие неутралци, во секоја пригода и насекаде, дека не знаат за Тито, а уште помалку за Сталин или Ленин, дека немаат никакви врски со комунистичките кругови и кружоци, со илегалците и партизаните, и дека никогаш нема да направат нешто против власта окупаторска. За среќа на сите нас овде и денес, наспроти овие „неутрални“ празноглавци и кукавици, имало некои сонцељубиви и храбри „занесеници“ кои не поверувале во идиотската „мудрост“ по која „за идеали гинат будали“, па се зафатиле со борба за слобода и правда и излегле од Војната како Победници, Ослободители и Државотворци.

Денес, кога во време на војна, повторно, почнаа да чадат кладите со книги на сите страни, кога се цензурираат текстови, кога телевизиските екрани поцрнуваат, кога „демократската инквизиција“ секојдневно „спалува“ еретици кои „богохулат“ против неолибералниот светски ред воспоставен од олигархијата, секој треба да е свесен дека, ако пишува против предаторите од Вол Стрит и нивната светска доминација, ако зборува против фетишите на капитализмот, какви што се приватната сопственост и профитот, се става во животна опасност, зашто контролата од денешните стопани на светот е скоро сеопфатна, а нивната моќ и ресурси за ликвидации на противниците – огромна. Тие можат, со своите „легитимни“ и „законски“ терористички методи, како што повеќепати докажаа, да го ликвидираат секого и секаде, а телата на жртвите „демократски“ да им ги испорачаат за храна на морските кучиња. Евроатланската плутократија, денес, владее со светот на начин достоен само за дивите ѕверови.

Но, без разлика на опасностите, нема никакви дилеми, ако човештвото сака Слобода и Правда, тогаш сè почесто треба да размислува за тоа дека би било добро и мудро да се удри по олигарсите кои живеат од „легални кражби“ и измами. Мора да се размислува и за начините практично да се разнесе на парампарче човекојадниот, крајно неприципиелен и неправеден, неолибералниот општествено-економски поредок. А, час поскоро, треба да се изрази протест против црните екрани, против „демократската“ цензурата во електронските медиуми, против буржоаската културна хегемонија, против суровото и безочно газење на вистината и правдата.

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани