2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ИНВОЛУЦИЈА

Јануари 01, 2023

Пишува: проф. д-р Александар Литовски

 

Македонската државничка и политичка мисла и пракса го достигнаа својот национален врв за време на Колишевски, односно помеѓу меѓу четириесет и петтата и осумдесет и деветтата година. Дури, и во услови на ограничен државен суверенитет во авнојска Југославија, што, попатно кажано, беше нормално ограничување за една федеративна и повеќенационална држава каква што беше државата раководена од Тито. Но, во тој период личната слобода и безбедност, македонката националн-културна и образовна афирмација, успешниот економско-социјален самоуправен модел, респектибилната професионалност во сите сфери од животот, огромниот меѓународен углед на заедничката држава, високиот економскии просперитет и иницијативност, беа на историско и цивилизациско – највисоко ниво! Цивилизациско ниво кое нема да се надмине и меѓународно значење кое нема да се достигне од Балканот, ни во блиска, ни во далечна иднина.

По „падот на комунизмот“, Македонија, целосно, е во сферата на „западно влијание“, а дотогашните лични и национални достигнувања беа сомелени од мелницата на погон од профит. Следеа долги години на кражба на економските и природните ресурси и уништување на македонскиот национален супстрат, образованието, економијата и културата. Македонија потона во мракот на „транзицијата“ и се давеше во црната песок од изградбата на неолибералниот капитализам. Партиите беа запоседнати од криминални фигури кои цртаа партиски програми за кражба на државните ресурси. 

Распаѓањето на државата и етичката општествена вертикала, по осумдесет и деветтата година од минатиот век, одеше рака под рака со целосната партизација на секојдневието и востоличувањето на криминалното богатење како нормален општествено-политички процес. Кратката хроника на настаните во македонската држава, веднаш исцртува надолно движење кон дивјаштво и варварство, скриени зад фасадата на „демократијата“ и политичкиот многупартизам. Овие процеси беа материјализирани со акумулација на капитал, имот и богатство во рацете на мал број „успешни бизнисмени“, кои поправо треба да се нарекуваат бандити.

Македонското општеството е болно и страда од бифуркации. Национални и меѓунационални. Идеолошко-политички се рециклирани националшовинизмот и капиларниот фашизам. Луѓето се опиени од сјајните работи во дуќаните и брзаат да заработат за да ги поседуваат. Највисокиот идеал во ова наше општество, впрочем како и насекаде, е брзањето да се заработат пари. Себичноста и конзумеризмот триумфираа. Оттука, главниот проблем за земјата е неолибералното слепило на луѓето кое води до ненаситност на имање и поседување. По секоја цена. Дури и по цена на личното и националното достоинство.  

„Транзицијата“ не создаде „парламентарна демократија“. Создаде олигархија маскирана зад партии и избори. Нема лево и десно. Сите партии се слични по стил, однесување и политичка реторика. Изборите се водат на ист начин: преку медиумите. Нема вистински политички дебати затоа што нема вредности. Нема ниту вистински плурализам на политиката, бидејќи главен интерес е само движењето и поседувањето на парите. Оваа ситуација секогаш ги репродуцира истите политички механизми, па станува неважно кој владее и кој ќе владее. Важно е да се обезбеди протокот на пари во одредени раце, компании и кругови. Судскиот систем е невешт и нефункционален. Не може да ги „пробие“ партиските и олигархиските кругови поради неможноста да биде независен и ослободен од влијанија и лоби групи. Системот им дава засолниште на владетелите и ги штити од гневот на граѓаните.

Нашиот триесетгодишен „самостоен“ државно-политички пијанопартиски ôд произведе купишта документи без никаква смисла, без никакво знаење, без никаква политичка и државничка визија и без никаква национална идеја. Преписите на евроатланските милитаристички документи не се никаква државна или национална платформа, туку едно срамно сведоштво за тоа дека државата е претворена во обичен безвреден протекторат. Партиската номенклатура, од сите партиски банди, се спои со државата и нејзините институции, правејќи ги бесмислени, криминални и анационални. Нашата „демократска“ транзиција е „изгубеното време“, или „пропуштеното време“, за изградување на македонскиот национален идентитет и за зацврстување на наследената национална држава.

Но, сето тоа е донекаде е во согласност со историската македонска аксиома. Со копање во минатото, се открива дека македонската преродба продуцира само неколку документи и програми. Од Пулески, Чупевски и Мисирков. Документи кои поставуваат определени национални темели на македонската културна, политичка и духовна еманципација. Всушност, македонскиот деветнаесетти век е доминантно обележан од туѓородните пропаганди и денационализацијата. Првата светска војна и македонското топовско месо во неа, најјасно го оцртува катастрофалното, од национален аспект, погубно влијание, на антимакедонските политики од соседите на Македонија и сервилното неснаоѓање на македонската граѓанско-политичка елита. Од тие прични, дури Втората светска војна и создавањето на државата Македонија во рамки на федеративна Југославија, ги донесе Македонците во позиција на победници на историската сцени и им ги отвори портите за најшироко национално издигнување и меѓународна национална афирмација. Секако, благодарејќи на саможртвата и високата национална свест на македонските комунисти.  

Зошто стрелките на македонскиот часовник се свртеа во спротивна насока?! Зошто Македонецот научил, скоро секогаш, да гледа погрешно, и кон минатото, и кон иднината? Зашто живееме еден антимакедонски процес на национална, социјална, економска, културна и духовна инволуција? Кој е виновен? Ги бараме ли, воопшто, одговорите? Бараме ли насока? Вистината? Или мислиме дека тоа е залудно, непрофитабилно, бессмислено, а дека работите сами од себе ќе се наредат? Што правиме за опстанок и просперитет на нацијата и државата? И, што мислиме да направиме?

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани