2win800x200

Оценката не е мерило за успех, таа е само формална бројка (Пишува Александар Адамовски)

Април 28, 2023

Да повториме: на училиште, се учи за стекнување на знаења, вештини, способности, развој на интереси, односно, учиме да градиме сложни другарства, да почитуваме и да го разбираме светот околу нас, како и да останеме подобри и паметни личности. Пред сѐ, образовани и писмени. Обврската на воспитно-образовниот просец е поучна и таква треба да остане. Јасно е дека со сила, убавина не бидува, ами само со мерак и волја.

Да се држиме до кодексот на однесување што важи во училиштето. Да не дозволуваме девијатните однесувања да доминираат. Секој може да биде паметен и одговорен, а тоа произлегува од личната совест и свест. Да бидеме пријателски и разумно настроени кон секого, оти само на тој начин, го докажуваме човечкото во нас.

Месец и пол, не дели од крајот на оваа учебна година. Благодарност, што останавме во училиштните клупи (впрочем, како што доликува наставен процес), наместо онлајн пред дигиталните средства за комуницирање. Секоја година, се оди во правец на ставот дека најважно е на школо да ги имаме сите петки, наместо реално да процениме колку детето покажува интерес да работи и соработува, за да стигне до посакуваниот резултат. Тоа се повторува години и години наназад. Најважна е контролата од дома, односно колку родителите посветуваат внимание на нивните најмили, да ги прашаат како им оди наставата, по кои предмети на пример, имаат одредена тешкотија, или пак, по кои предмети без проблем совладуваат материјал. Тоа ретко се случува. Затоа, реагираме за: „подарени“ или народски кажано: „надуени“ оценки, кои нема да им бидат од никаква корист, на тие што треба еден ден да градат работен профил и да бидат вклучени во едно работно опкружување. Нашите навики се традиционални: ги имал ученикот сите петки, а една или две четворки и сега гледаме со разни притисоци, тие да станат петки. Тоа не е во ред и така не треба. Секој, да си ја гледа својата должност и обврска и да не се меша во работата на другиот. Оти, секој знае колку може да постигне и каков капацитет има. И што со тие барања за оценки? Кој на кого му прави штета? Не смее никој, да се меша во работењето на наставникот и во неговото оценување. Оти наставникот покрај предавач и оценувач, тој е втор родител на учениците од воспитен карактер (да советува, да помага, да искара, да покаже прав пат како треба). Или, тоа не е важно? Се разбира, најважно е! Учениците, скоро половина ден се на настава, односно во нивниот втор дом – на училиште. Тие се толку многу интелигентни, надпросечно да кажеме, што самите можат да проценат колкави се нивните постигања на школо. Не е до нив, ами до родителите е, кои бараат оценки. Да се поправиме, и да ги оставиме учениците да постигнуваат онолку, колку што умеат. А ние наставниците, тука сме, за било која потреба. Никогаш не сме се спротивставиле ако треба некаде да помогнеме. Но, за тоа е потребен паметен разговор, да согледаме еднаш каде постои пропуст (ако постои) и да го надоместиме. Најважна е разбраната комуникација: наставник-родител-ученик-наставник, оти така континуирано се следат постигањата на школо. Не, само на родителски, родителите треба почесто да се интересираат, да доаѓаат на училиште и да прашуваат како се нивните деца на школо. Оти, ако учиме само за оценки, тогаш подобро е воопшто да не учиме, можеби така е најлесно, ама последиците се непоправливи.

Концентрацијата на часот е исто така важен предуслов да следиме како нѝ се одвиваат активностите, или што наставникот задал за домашно. Не смеат мислите на час, да бидат „рассеани“, или по социјалните мрежи. Најлесно е да го обвинете наставниот субјект, но размислете и запрашајте се, од морален и учтив карактер, дали е баш така?! Размислете што сѐ им дозволувате на своите деца, и колку привилегии им давате (има и исклучоци, нормално), за тие да „учат“ само за оценки, а не, за реално и квалитетно знаење.

Уште еднаш, им порачувам на сите драги и вредни ученици: за никого не учите, ами за вас, лично. Не значи дека ако вашиот родител е доктор, и вие треба еден ден да бидете доктор (тоа е веќе стереотип). Не се водете од тој принцип, оти желбата треба сама да ве води во животот. Многу сте напредни како генерации... Тие формални бројки кои се најбарани, не се гаранција за успех, никаде нема да послужат (ама за тоа, еден ден можеби ќе се сетите). Давајте го најдоброто од вас, дејствувајте во правец на способностите, верувам дека можете, и ќе повторам: тука сме, сите ние наставници за вас, за ваше добро. Ништо не сме скратиле кај никого и ниту ќе дозволеме такво нешто. Богатството е скриено во секого од нас. Од него започнува секој труд и успех!

Пишува: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани