АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Став на професор м-р Даниела Петровска
„ ... Најтажниот вилает на светот, најнесреќните луѓе на светот, го губиме своето лице, а туѓото не можеме да го примиме, откинати и неприфатени, туѓи секому, дури и на оние на кои сме им род, а и на оние кои во родот не нѐ примаат. Живееме на крстопатот на световите, на границите на народите, секому на удар, секогаш сме некому виновни. Врз нас се кршат брановите на историјата како на гребен. Силата ни здодеа, и од неволјите создадовме доблест: станавме паметни заради пркосот“ - Меша Селимовиќ.
Вака Меша Селимовиќ зборува за Балканците, посебно за оние Балканци кои некогаш ги нарекувавме жители на еден хетероген топос, наречен СФР Југославија, луѓе припадници на различни нации, вери, конфесии, чиниш проекција на една, за тоа време, футуристичка визија дека светот нема да се разглобува, туку ќе се глобализира, политика која има за цел да интегрира, а не да дезинтегрира. Балканот, низ времињата, гледан низ очите на патописците, е оценет како егзотичен простор каде се судираат антиномии, дихотомии, амбивалентности кои гледано културолошки, епистемиолошки, геополитички и компаративистички раѓаат слика за еден единствен и уникатен свет каде на едно огниште дуваат два ветра: на бог и на ѓаволот, на крстот и на месечината, на Западот и на Ориентот, на богатиот север и на сиромашниот југ, простор на хедонисти и аскети, верници и неверници.
Посебно во последниве триесетина години овој „бивш простор“ наречен Утопија, оценет е од аналитичарите како место на проклети судири на бинарните универзални опозиции: добро (ЈАС) - зло (ТИЕ); живот (МОЈ) - смрт (ЗА НИВ); патриди (НИЕ) и апатриди (ДРУГИТЕ); патриоти (САМО НИЕ) и предавници (САМО ТИЕ); градители (НИЕ)-рушители (ТИЕ). Овие судири настанаа на просторот кој себе се доживуваше како лулка на европската цивилизација, а него пак Европа го смета, со векови и денес, како периферија што постојано создава проблеми и произведува судири со висок интензитет.
Јас сум припадник на една идиоритмична генерација на седумдесеттите години на минатиот век, која растеше растоварена од помислата дека еден ден ќе биде сведок на Кафкините пророштва дека ќе дојде време кога процеси ќе се водат во мувлосани и темни простории, ничии и сечии. Мојата генерација доживеа хомомензурата да биде заменета со цензурата на слободната мисла, каде извитоперените вредности на големиот Запад ќе станат императиви на сега веќе транзициското проседѐ, кое нѐ натера да сфатиме дека светот навистина почива на нерамноправна борба на спротивности, каде силата на власта хегемонистички наметнува критериуми за вредност на сите можни нивоа на човековиот иницијациски òд низ животот. Станавме осаменици во својата татковина, ги поставивме границите во сопствениот дом и изградивме не само духовни енклави, ами и етнички, верски и политички. На тој начин луѓето се најдоа пред низа можности за избор каде ќе припаднат, така што настана криза на идентитетите и дојде до нивно намножување. Се наметна проблемот на самоидентификацијата и егзистенцијата на Другиот. Од една страна Балканот доживеа геополитичка деконсрукција, од друга страна постмодерниот дискурс наметна глобализација на модерното општество и унификација што треба да ги надмине регионалните разлики. И како логична последица на разнебитениот и дезориентиран Балкан оживеаја, да не речеме дека се повампирија, националистичките и етничките идентитети кои се вртат околу сопствената оска, оти друга нема за потпора.
Значи, Балканот, гледано дијахрониски и синхрониски, создаде автостереотипи (слики за себе), кои се резултат на автоперцепцијата. Често тие слики се вистинити и се обоени со шегобијност, но и со болна вистинитост дека стереотипите повеќе се негативни појави што се испречија на патот од еден човек до една жена, на патот од еден град до друг, застанаа како Сцили и Харибди меѓу собите во шестособниот стан што одеднаш стана тесен за едните, а широк за другите. Автостереотипите ги нагласија разликите на Јас и Другиот (Ти). Јас не го најде својот образ и одраз во Ти, идентитетот нарцистички се затвори во себе и така настана каинавелискиот дискурс на постмодерното време. Стереотипите ги предочија разликите не како можност за космополитска перспектива, ами како предрасуди кои се причина за уште поголеми проклетства на овој балкански хомохронотоп.
Хетеростереотипите во современиот дискурс зборуваат за Балканците како за луѓе од третиот свет, веќе се избегнува и да се изговара името Балкан, ами во замена за него се јавува „пилатовското“ решение, Југозападна Европа. Но, тоа именување не ги направи Балканците жители на ЕУ, не им ја симна етикецијата - варвари, луѓе провинцијалци, маргиналци, имигранти, крадци, мрзливци. Негативните стереотипи го изградија и Шенген, кој што ако падна одамна, светот го одржа како непознаница, „шпанско село“ за жителите на таа Европа. Ако некогаш за Балканците беа иманентни позитивните стереотипи: гостољубиви, љубезни, широкогради, шегобијци, хедонисти, јунаци, во последниве триесетина години тие се трансформираа во своите опозити. Впрочем, кога Балканот не бил јаболко на раздорот? Ако не го разорувале туѓи аспирации и политики, тогаш тој самиот се разорувал, се јадел одвнатре, оти повампирени духови и вештерки имало секогаш повеќе од принцови-аристократи на духот, имагинарни волшебни огледала имало повеќе од Снежани, волшебни чевличиња имало повеќе од Пепелашки, па затоа не се знаело кој е принцот, а кој волкот, кој е ловецот, а кој ловениот, кој е вистинскиот пат за Јованче и Марика, а кој е лажниот, не се знаело кој е под чија маска (Капулети или Монтеки).
Енигматичен времепростор е Балканот. Карневалот под маски е вообичаен декор, зад сјајот на кулисите се крие бедата на куртизаните, а тие остануваат единствените чесни среде метежот на урнисаните „божји“ заповеди. Дон Кихот е лудак, Хамлет исто така. Светот одеднаш станува туѓ за Балканецот, а Балканецот туѓ за светот. Тој, светот, олицетворен во старата куртизана Европа, создава старонови премиси за космополитизмот, кој своевремено го уби на Балканот, со изговорот дека тоталитаризмот претставува дехуманизација на идентитетите. Во постмодерното време, таа, Европа, создава стереотипи за богатството на разликите во идентитетите. Особено тоа се однесува на мултиетничките општества на Балканот. Се прашуваме кој во случајов ја „откри Америка“? Американците или Колумбо? Кој тоа на Балканците им кажува како треба да се живее во глобалното село? Зар Балканот не експлодира како буре барут токму заради позитивните стереотипи за долговековниот живот во мултикултурен и мултиетнички дискурс и на својата кожа не ја истетовира својата трагедија за да не остане незапишана? На народите на Балканот, емпириски им е потврдено дека во „идентификацијата“ на идентитетот треба да се тргне од поединецот (Јас) кој треба да знае дека е како сите други луѓе (идентитетот е хуманитет); поединецот може да е како некои други луѓе (културносоцијален иднетитет) и дека е сам за себе идентитет и не е како ниеден друг човек (самоидентификација).
Стереотипите се поедноставени слики за себе (автостереотипи) и за другите (хетеростереотипи) врз база на генерализирани заклучоци без емпириско искуство на оние што ги создаваат. Нивна логичка последица се предрасудите што се насочени кон Другиот и го декомпонираат неговиот интегритет и го ставаат на столбот на срамот, зашто тие се секогаш дадени во негативна парадигма. Овие имаголошки претстави за себе и за Другиот се актуализираат во време на големи политички, идеолошки и верски судири. Имаат големо пропагандно проседѐ, и влијаат на создавањето на јавното мислење, особено кога се поддржани од медиумите за масовна комуникација. Често се случува пејоративната дисквалификација на Другиот да добие димензии на национална слика на непријателот. Македонија, гледано геополитички и историски, културолошки и епистемиолошки, е простор на кој се поставувале мостови помеѓу Истокот и Западот и затоа е изложен на многу трауматични потреси кои се исконски и го покажуваат судирот на сопоставените алтеритети: паганство и христијанство, христијанство и муслиманство, западен рационализам и источна егзотика, сурова ладнокрвност и страстна полнокрвност, релативизам и фатализам. Времето на големите транзициски престројувања во Македонија предизвика превреднување на сопствената историја, историјата на Другиот, а токму под влијание на хетеростереотипите кои влијаеја на нашата автоперцепција. Така, одеднаш ние станавме олош штом падна Шенген, се згрозивме од себе оти станавме азиланти во големиот дом наречен Европа и бевме враќани од границите на ветениот свет како непримерни потенцијални Европејци. Се видовме себе онака како што нѐ виде светот: валкани, недостојни за големото семејство, нечесни пред своите предци кои светот го гледаа „како поле за културен натпревар меѓу народите“ (Гоце Делчев). Ние станавме толку долни, што ја заборавивме културата и мислевме само на гастростомачниот синдром кој се јавува кога леб секогаш нема за гладните. И се разбира, на голема врата ни дојде помош од Европа. Нѐ научи Европа дека за да се живее европски треба да се прифатат различностите на ентитетите, дека здружувањето на алтеритетите е парадигма на постмодерниот свет, дека треба да ги дестереотипизираме стереотипите и да ги оживееме старите љубови кон Другиот, како тоа нам да не ни беше од дамнина животно милје.
Сѐ на сѐ, добро е да се чуе вистината за заедништвото како единствена перспектива и на светот и на Македонија, од устата на големите сили, зашто таа така изгледа повистинито.
професор м-р Даниела Петровска