2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Анализа на романсата на столетието- Вистини и измислици за љубовта на Ататурк и Каринте

Март 13, 2019

Недостигаат клучни моменти од љубовната приказна на битолските Ромео и Јулија за таа историски да биде потврдена.

 

Повеќе од еден век  живее љубовната приказна за битолските Ромео и Јулија, поточно таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк и убавата рисјанка од Битола, Елени Каринте. Приказната намамува се повеќе турски туристи во градот на конзулите кои се фотогрфираат пред нејзината куќа, но под погрешен балкон зашто вистинскиот на кој излегувала убавицата денес не гледа на Широк Сокак туку во тесен ходник од страна. Наспроти туристите кои се воодушевени од бесмртната љубов, битолчани од секогаш биле скептични за тоа дали навистина постоела.kukata na Karinte

Романсата ја раскажала роднина на Елени

Љубовната приказна потече од перото на битолскиот хроничар Димитар Димитровски –Такец,  поранешен дописник на весникот „Нова Македонија“ од Битола. Хроничарот почина лани, на 93 годишна возраст, а авторот на овие редови имаше можност да се види со него пред смртта и да му ги раскаже сознанијата до кои дошол.

-За оваа голема љубов дознав во 1955 година кога како млад новинар во својот дом ме покани битолскиот печатар Ристо Киријас. Неговата сопруга Ирина, која беше братучетка на Елени Каринте, ми  раскажа за романсата. Се работеше за ќерка на богатиот трговец со јажиња и восок Ефтим Каринте чија куќа беше во центарот на Битола. Малдите се зближиле преку францускиот јазик, а Турчинот не само што зборувал убаво француски туку ја магепсал со сините очи- ми раскажа Такец.

Не се знае двојката каде точно се сретнала

 Од романсата денес недостигаат многу факти за да биде историски потврдена. Едно од отворените прашања е каде се сретнале Мустафа и Елени? Дали тоа било во времето кога тој бил ученик во воената гимназија во Битола (1896-1899) или кога се вратил како генералштабен офицер(1907-1909)?

Во книгата „Перформансите на Широк Сокак“ што Такец ја објави пред смртта признава дека и тој си го поставувал тоа прашање. Запишал „дали најнапред размениле погледи таа од балконот на Каринтевци, а тој од трикатницата Учкатли, во која била сместена централната полициска станица на Широк Сокак, во која работел роднина на таткото на Ататурк? Или Елени го видела за првпат Мустафа на парадата на кадетите?“

Ако се земат предвид историските факти првите симпатии меѓу кадетот и битолчанката не било можно да се родат за време на парадата на Широк Сокак во 1899 година. Тогаш Елени имала само девет години, ако се точни претпоставките дека била родена 1890 година. Мустафа пак бил 18 годишно момче.

Мустафа бил кадет, а Елени 9 годишно девојче

Засега нема историска потврда за приказните кои кружат со години низ Битола. Народот бил полн со фантазија па можеби ја измислил средбата на именденот кај Каринтевци. Приказната вели дека во куќата на богатиот трговец Мустафа дошол со роднината на татко му. Мајката на Елени  рекла „нашето девојче ќе ви покаже на малиот клавир клавсен што научи да свири кај Французинките (учителки во Битола).“ Така Елени пред Мустафа ја исвирила песната „Брате Жак“.

Историски потврдени факти се дека  по школувањето во Битола турскиот кадет Мустафа заминал на Воениот колеџ во Истанбул. Дури по осум години се вратил пак назад како началник на штабот на Третата армија во Битола.

-Според последните мои истражувања сосема логично е тогаш да се случило сето тоа. Годините на живеење на Елени се совпаѓаат со тој период , ако била родена во 1890 година, тогаш романсата Ататурк- Каринте можела да се случи само тогаш кога таа имала дваесетина години, а тој 28- пишува Такец во книгата.KEMAL2 1

Побегнале, но каде?

Братучеката на Елени, Ирина раскажала дека Елени побегнала со Турчинот. Родителите се потресле, дома било како на закоп. Веднаш го ангажирале грчкиот владика во Битола, кој преку валијата и други влијателни Турци успеале да ја вратат Елени дома.

            До денес нема прецизен одговор каде избегале. Дали во Солун кај мајката на Мустафа или во куќа во близина на денешниот ресторан Ловец? Се раскажува дека  по некое време трговецот Ефтим ќерката ја омажил со најдобриот калфа Тодор со дебел мираз од 900 наполеони. Сопругот на Елени и двете деца и умреле во Првата светска војна, а таа избегала за Лерин во најтрагичната ноќ за Битола 17/18 август кога градот бил жестоко бомбардиран.

 

Го нема оригиналот од љубовното писмо

            Денес нема ни податоци за тоа  каде и кога било напишано љубовното писмо од Елени за Ататурк. Не се знае кој го нашол и зачувал, ни каде е оригиналот. Во него пишува „ако ги читаш овие редови додека љубиш друга жена, искини го писмото и прашај ја неа дали верува дека некоја си Елени Каринте од Битола го поарчила цел живот за еден човек со кого била само еден ден “. Писмото напишано на литературен македонски јазик е изложено во Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк во Завод и музеј- Битола.

 

Живеела во Леринско, а но никој не ја побарал

            Се претпоставува дека живеела 90 години, што значи починала околу 1970 година во некое леринско село. Има шпекулации дека до крајот на животот примала чек од некого. Нејасно е зошто пред педесетина години никој не успеал да ја најде и точно да ја запише приказната. Повеќето битолски историчари не сакаат да зборуваат на оваа тема зашто ја сметаат за приказна. Граѓаните пак, велат дека и да не постоела реално љубовта добро е што се измислила. Сметаат дека денес е имиџ на градот и треба да живее. 

Ж. Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани