АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола добива стадион. Модерен, нов, европски. Локалната власт ќе вложи 5,5 милиони евра во овој проект. Со помош на ФФМ стадионот треба да добие и рефлектори и да добиеме нешто по вкусот на сите вљубеници во „најважната споредна работа на светот“. Желбата е оваа година, на него да гостува сериозна балканска екипа, а догодина и Македонска репрезентација. Има место и постои начин двете работи да се реализираат.
Моето мислење е дека тој стадион треба да добие ново име, име кое ќе ја отсликува Битола, име за кое нема да има никаква лоша трага, некој кој оставил трага и во битолскиот и во македонскиот фудбал, лик за кој никој нема лош збор. И како човек и како фудбалер. Име на борбен и чесен спортист кој не заслужува заборав.
ЈАС НАВИВАМ ЗА ПЕТАР МИЛОШЕВСКИ
Роден 1973 во Битола, дебитирал на голот на „Пелистер“ како 17 годишно момче, во 1990 година, во тогашната втора Сојузна лига. На голот на Македонската репрезентација , дебитирал во 1998 година , на пријателски натпревар против Бугарија , и на истиот бил точно 59 пати. Бил на голот над 500 пати за сите тимови за кои настапувал. Долги години бранел во странски клубови Трабзонспор, Малатијаспор, Себатспор, Енозис, а во ФФМ бил директор на македонските фудбалски репрезентации.
Како тинејџер го бранел голот на „Пелистер“ во тогашната прва југословенска лига, бил прв голман во самостојна Македонија, многупати бил најдобар играч на теренот, а сите се сеќаваат на историското реми на репрезентацијата во Саутемптон, против Англија 2:2, а Милошевски, Man of the match.
ЧОВЕЧКА ДИМЕНЗИЈА
Нешто што го прави ова име поголемо е неговата човечка димензија.
Не постои човек кој го познавал, а кој ќе ви каже лош збор. Во оваа прилика ќе напишам неколку работи кои сум ги прочитал, а го прават посебен или толку посебен. Беше голем работник, и беше ѕвезда во некој помал, помирен свет. Сеедно со кој играше, даваше се што има и секогаш го третираше противникот со огромна почит. Не се туркаше низ медиумите, не се наметнуваше и не зборуваше за своите заслуги.
Беше горостас меѓу стативите, ама горостас и во животот како човек. Само сакаше да работи и да подучува. Спортски ама и човечки идол. Сакаше да ни каже дека на светот сме дојдени за убавото, а не за грдото. Најголемиот шампион е оној кој ги совладува сопствените страсти. Секогаш ќе биде нашиот број еден. Полн со љубов, радост, мир, трпение, верност, кроткост и самоконтрола.
Промената на името треба да се случи во Советот на Општина Битола. Јас се надевам на широк консензус по ова прашање, и немам никаква намера да ја монополизирам идејата. Се надевам и на поддршка од сите советници и ќе им биде понудена на сите советници, и ако постои расположение во јавноста, ќе биде изгласана.
Градски стадион-Петар Милошевски, посакувам да биде новото име на битолскиот стадион.
Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)