ИДНИОТ ТОТАЛИТАРИЗАМ

Мај 24, 2020

Пишува: д-р Александар Литовски, историчар

 

 

Краен песимизам, изразен очај и бесперпективност за иднината се главните карактеристики кои човек може да ги детектира од оваа денешна пандемија. Ако во генералниот развој на човековото општество нешто радикално не се промени, луѓето ќе ги згубат своите човечки карактеристики и ќе се претворат во „автомати без душа“, или, во полошата катаклизмична варијанта, капитализмот ќе ги истроши природните ресурси и ќе ги уништи условите за егзистирање на човечки живот на Земјата.

Фактички, во оваа пандемија се оцртува една битна карактеристика на идните дистопии, а тоа е субјективната немоќ пред организираната неограничена моќ на државата. И тоа, државата која е сервис на мултинационалните компании и малкумината глобални финансиски олигарси. Поединецот е принуден, или поправо речено е убеден, да прифати дека никаков отпор кон „заповедите“ на државата не е можен. Дури, се оцртува неможност за отпор во самите мисли. Индивидуализмот, во онаа негова позитивна варијанта, е претворен во злосторство. Злосторство се чувствата, а човечките права и правдата во целост се подредени и потчинети на „повисоките цели“ на профитот. Останува само опредметување на Хакслиевиот „храбар нов свет“ во кој ќе се произведуваат деца од епрувета, луѓето ќе се програмираат со дроги и хипноза, а неограничената потрошувачка и приватната сопственост непречено ќе се репродуцираат до бесконечност.

Се чини, сè повеќе, ќе настапува време во кое ќе се користи лагата и самозалажувањето дека „не е тоа така страшно“ што ни се ограничува слободата на збор, мислење, движење, протестирање... Сè повеќе, иманентните антихумани и антиеколошки карактеристики на системот кој, единствено, тежнее кон создавање на профит, ќесе оправдуваат како нужен технички и општествен прогрес. Владеачка интелектуална клима на секој начинќе ја оправдува експлоатација и пазарното функционирање на економијатаМнозинството инфантилно ќе верува дека профитерскиот систем на односи кој безмилосно ја уништува природата и луѓето, сам од себе ќе се корегира и нема да предизвика катаклизма. Дури ќе веруваат, како што впрочем веруваат и сега, во идиотизмот дека токму овој систем не само што е нужен и незаменлив, туку дека е добар засите луѓе, а не само за интересот и удопствата на малкумината глобални олигарси. И, секако, под влијание на многубројната поткупена и медиокритетска интелектуална каста, мнозинството глупаво ќе верува во немањето на идеолошка позадина за функционирањето на тој систем. 

Луѓето и понатаму ќе бидат задоволни и среќни со општествата, во кои слободнатаполитичка волја ќе може да ја изразат преку можноста да избираат меѓу два вида на политички опции кои се скоро идентични и се дел од едно-исто безумие искреирано од владеачката класа на капиталиститеСо бомбардирањата и „кршењето на кичмата“ на низа измислени „диктатори“ од Белград до Багдад, веќе, започна епохата на рушење на меѓународното право и правда и воспоставувањето на новиот фашизоиден „светски поредок“. Во иднина, светот, немо и вџашеноќе сведочи нова трка за вооружување и геостратегиски судир, чести воено-безбедносни кризи и конфликти, еднострани раскинувања на договорите за контрола на оружјето, закани со економски санкции и трговски војни, пандемии и еколошки катастрофи.

Мнозинството луѓе никако нема да сфатат дека времето е против нив во секојдневна трка, дека во таа трка човечката раса се натпреварува за обезбедувањето на профитот и богатството само на малкумина, дека таа предизвикува целосно осиромашување и уништување на природните ресурси и дека во неа нужно тие се губитници. Луѓето, сè уште, ќе веруваат во „мудрости“ по кои тие се предмети за создавање профит и дека не им е потребни економската еднаквост и солидарност. Ќе бидат среќни робови, а се знае дека тие се најголемите непријатели на слободата, правдата и еднаквоста.

Негативната утопија е веројатно најблаг израз на загриженоста, разочараностаи револтираноста од излудената стварност која ја живееме и ќе живееме.Но, грубите слики од идниот тоталитаризам, ѕверските дела кои се извршуваат и ќе се извршуваат со силата на оружјата за масовно уништување, крволочноста на робовладетелите кои некои ги нарекуваат капиталисти, не само што треба да се опишуваат и жигосуваат како лоши, туку луѓето секогаш треба да се спротиставуваат и борат против нив.

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани