Webp.net gifmaker

КРИМИНАЛНА ЦИВИЛИЗАЦИЈА

Јуни 21, 2020

Пишува: Александар Литовски

 

Пазарниот фундаментализам не само што е практичен економски криминал за збогатувањето на малкумината „господари на планетата“, туку е и идеолошки темел на неолибералната филозофијата. Пазарниот фундаментализам е криминален по својата суштина, оти создава криминални души и глави, оти произведува беда на духот, краен егоизам, ѕверска бесчувствителност за туѓо страдање, суровост во односите кон другите, омраза... Создава – криминална цивилизација!Практичен резултат од оваа неолибералната филозофијата и овој практичен економско-социјален криминал е претворањето наживотот и природата во пустинаИмено, со неолибералната филозофија во која приватната сопственост и конкуренцијата се дефинирачки карактеристики на човекот и општеството, систематски и темелносе исцрпуваат природните ресурси исе уништува суштината на човечкото кај луѓето.

Пазарниот фундаментализам води кон еколошка катаклизма. Тој ја раситнува човечноста во човекот до микроскопски размери, ја уништува невиноста и достоинството, ја разорува гордоста, ги трансформира добрите во лоши, чесните во проститутки и кодоши, смирените трудбеници во бесни пиштолџии и тепачи... Неолиберализмот ги дефинира луѓето како потрошувачи, а демократскот избор го претвора во можност за купување и продавање. Синдикализмот и работничките права се прикажуваат како канцерогени појави кои го искривуваат „непогрешливото“ пазарно регулирање на економските и општествените односи и го спречуваат создавањето на „природна хиерахија на победници и губитници“. Пазарниот фундаментализамнè подучува дека нееднаквоста е иманентна, пожелна и доблесна, а конкуренцијата, нужно, влече кон прогрес. Пазарот осигурува секој да го добие она што го заслужува, односно ги наградува способноста иработливоста и ги казнува неспособноста и неефикасностаНапорите за создавање поеднакво и поправедно општество се сметаат за контрапродуктивни и морално погрешни.

Филозофијата на крупниот криминал кружи низ светот и сите ги поучува: капитализмот нема алтернатива! Тој е „крајот на историјата!“ (Френсис Фукујама) Преку огромна орда од платени пропагандисти од редот на интелигенцијата и новинарството на сите континенти, оваа филозфија катадневно глобално се пропагира и фаворизира. Заседнати во своите златни дворци, крупните криминалци кои некои ги нарекуваат олигарси, преку своите интелектуални слуги редовно му порачуваат на човештвото дека она што му се случува е добро, оти може да му биде уште полошо, дека „лесниот и пријатен живот го расипува човекот, ја омекнува и слабее неговата отпорност“, па затоа треба робовски да работат за на газдите да им создадат што е можно поголем профит. Така, всушност, криминалот е вградена во системот на мислење, однесување и живеење на целото човештво во оваа тажна и неправедна цивилизација.

Најстрашното е што криминалот почна да се сфаќа и доживува како природна состојба, како нормалност, како судбина... Окупацијата на луѓето и стварноста од капиталот, има тенденција, да се преретвори во трајна и непроменлива состојба. Животот за огромното мнозинство од светската популација веќе е претворен во страдање, за криминалците да можат да трупаат сè поголеми и поголеми богатства и да уживаат во луксуз. За таквата ситуација само малкумина се возбудуваат и протестираат. Најголемиот проблем, сè чини, е што ова огромно мнозинство од светската популација се помирило со судбината и остава за нивните животи да мислат и решаваат силните, моќните, безобѕирните криминалци и нивните интелектуални измеќари. И што, апсурдно, ама вистинито, веруваат во лагите и измамите на моќните криминалци, повеќе отколку на сопствените очи и на сопствените чувства.

Заради тоа, тешко дека човештвото, во скоро време, ќе се пробие низ тие мрачни криминални простори и ќе стигне до непосредната вистина дека човекот на човека треба да му биде само Човек, а не газда, не шеф, не работодавач, не робовладетел, не конкурент, не слуга, не оној хобсов волк... И, за жал, тешко ќе се стигне до јасна претстава дека надминувањето на таквиот нехуман однос е основниот предуслов за понатамошниот развој на човештвото и на хуманиот напредок.

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани