Нема назад за Битола (пишува Валентин Груевски)

Јуни 18, 2020

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

Минатите недели пишував за желбата на опозицијата да се врати едно друго време во кое главна работа ќе биди безмилосното трошење на парите, неодговорноста, загубите, наместените тендери, желбата да  зборуваме за минатото и нашата светла историја,  ама нема желба,  никако да зборуваме за сегашноста и за она што се случува сега и она што ќе се случува во блиска иднина.

Еден дел пак, се обидува со ситни подметнувања, мешетарења, подбуцнувања и ситни малечки безобразни лаги  да биде во центарот на вниманието. Се злоупотребува се и сешто,  само за две- три минути лажна слава на некое порталче, при тоа безмилосно газејќи на сè што се наоѓа на патот. Таквата тактика наликува на тактиката од старите вестерн филмови, кога некој пијан каубоец влегува во салонот и пука по се што ќе види, при тоа тепајќи ги, дури и  своите другари, ама славата во тие најмногу три минути , исклучително му годи и ужива  во неа.

ВРЕМЕТО

Времето на таквите размислувања, треба да се разбере дека е далеку зад нас и дека враќање назад нема. Пред нас се нови парламентарни избори и нив ќе ги добие оној кој кај гласачите ќе биде препознат  поради неговата работа, поради исполнувањето на ветувањата, чесноста, посветеноста на решавањето на проблемите. Битола имаше многу проблеми, многу видливи ама и многу невидливи за голем дел, ама исклучително значајни  за луѓето кои секојдневно ги среќаваа и кои бараа решение за нив.

 А се реши проблемот со училиштата и со нивните блокирани сметки, се потрошија 2,5 милиони евра, училиштата нормално работат, а прашањето кое се наметнува што можеше да се направи со тие пари , ако не се враќаа стари долгови, не се плаќаа камати и илјадници евра не завршеа  на извршителските сметки. Можеби две сосема нови училишта, можеби три или четири нови спортски сали во училиштата, или пак нов инвентар во нив. Жално, ама беа вратени стари долгови.

БИТОЛА

Градот се менува и туку нема назад и нема компромис. Може некој да омаловажува, потценува, да пишува на фб  колку сака, и дење и ноќе, ама јас прифаќам дебата само со аргументи и факти. А аргументите, сè  дебели и ќе бидат на страната на власта. Огромниот проблем со згрижувањето на децата во градинките, и огромниот список за чекање, после отворањето на неколку занимални и исклучителното подобрување на условите во постоечките градинки, на пат е да се реши. Битола  ќе добие  две нови градинки, едната во Касарната а другата кај училиштето „Св. Климент Охридски“. Едната за 250 деца, а другата за 150 деца. Злобниците ќе прашаат е кога ќе бидат готови ?  Ако се стигне до овие фази, после 30 години без нова голема градинка, ќе почекаме уште една да добиеме две нови градинки.

Нема назад затоа што веќе напролет може да ни се случи, а веројатноста е голема, на пример спортскиот викенд да изгледа вака: куглање сабота сабајле, Пелистер-Работнички кошаркарско дерби, недела наутро пливање, Еурофарм Пелистер -Вардар ракометно дерби, а Пелистер-Шкендија за прволигашки бодови под рефлектори. И ова не е желба, или новогодишна бајка, ова е реалноста на која интензивно се работи. Се разбира за тие што ја гледаат, за тие што не веруваат, времето ќе ги разубеди.

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани