Webp.net gifmaker

Како обновените го достигнаа врвот на политичкиот дилетантизам (пишува Валентин Груевски)

Јули 30, 2020

По завршувањето на парламентарните избори и објавувањето на конечните резултати, јасно е дека Коалицијата Можеме, извојува победа на изборите, бидејќи освои повеќе пратеници од Обновата, освои повеќе гласови, и речиси сигурно ќе ја предводи новата влада. Јавно изјавената желба на опозицијата да формира влада е само купување време, барем на  неколку дена,  со цел да се амортизира незадоволството и да се држи членството  уште малку во надеж дека владата ќе ја предводи лидерот на Обновата.

Свесни дека тоа не може да трае до бесконечност и е апсолутна неискреност и нешто што е неизводливо  во овие денови, два или три дена после изборите на членовите им беше сервирана уште една приспивна  приказна за нов, современ, европски статут кој ќе ги доведе до победата, ама следниот пат. Како да формирањето на владата и победата на изборите, зависеа од фамозниот статут, и човек дури да се замисли дали луѓето работеа на кампањата или пишуваа статути.

КАМПАЊАТА

Според сите политички истражувања може да го промени исходот на изборите во некој мал процент, од 3 до 5%, но никогаш не може да влијание драстично врз расположението на гласачите. Оваа кампања на опозицијата, ако ја оценувам, со оценка од еден до десет, може да добие оценка, најмногу 1,5. Толку многу лоши пораки, толку многу погрешени спотови, толку малку презентирање на сопствената програма одамна немаме видено во македонската политика. Да не зборувам за погрешните проценки за бројот на гласови како во Битола така и во Македонија. Да ги убедувате своите членови дека ќе победите во Битола со 4 па се до 8 илјади гласа разлика, е врв на политичкиот дилетантизам и непознавање на основните политички движења.

Тоа директно доведува до опуштање, до неработење, готово е, работата е завршена, ајде да ги делиме местата, кој каде ќе оди, ќе се видиме на 16-ти, доведе до очајниот резултат во Битола, а претпоставувам дека така беше и во цела Македонија. Да направите два вида на спотови, во едните да зборувате против Зоран Заев, а во другите за Вашата програма, ама нивниот однос да биде 9:1, не очекувајте ниту еден неопределен гласач да Ви излезе на гласање и да гласа за Вашата опција. Да изгубите на избори од противник кој освоил најмалку гласови во последните 10 изборни циклуси, а Вие веќе три пати не успевате да ја пробиете ,,магичната“ бариера од 20.000 гласа, тогаш нешто вистински многу сте погрешиле или пак грешите во континуитет. За потсетување кандидатот на сегашната власт за градоначалник во 2013 година, освои 23.000 гласа, ама доживеа тогаш убедлив пораз.

ДЕСНИЦАТА

Десницата не направи обид  да се обедини и поразот беше неминовен. Стратешка грешка беше направена во изборот да се трча по левите и гласачите на центарот или таканаречените неопределени. Бомбите или петардите, како што ги викаат, неколку дена пред избори, не донесоа никаков резултат, односно не ги одвратија гласачите да не гласаат за власта, а уште помалку да гласаат за опозицијата. Наместо тој   несреќен обид,  мораше внимание да се обрни на гласовите кои немилосрдно заминуваа кон Левица (класична десна партија), Интегра, Солза, Бачев, Богојевски.

Се обидувам да се сетам на нешто што понудија за Битола, а не стигнаја да го направат во 11 години заедничка и локална власт. Искрено не можам да се сетам, освен на флоскулите од типот подобро здравство, подобро образование, подобар живот, повисоки пензии или пак подобар спорт. Единствено што ми текнува е дека сите на своите фб профили пишуваа: За дваесет дена ќе Ве затвориме, сите во апсана, ќе одговарате и слични глупости. Не знам како не разбраа дека на граѓаните не им требаат кавги, враќање во минатото, поништување на договорите, туку сакаат иднина, напредок, подобар живот, повисок стандард.

П.С. Опозицијата не го искористи, според мене, најсилниот адут што го имаше во Битола. Потеклото на нејзиниот носител на листа. 

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани